ПО ПОСЛЕДНИТЕ ТРИ УСПЕШНИ АКЦИИ ЗА ДРОГА, ПАСОШИ И ВИСОКА КОРУПЦИЈА, ПРЕДВРЕМЕ ПЕНЗИОНИРАН НАЧАЛНИКОТ ВЕЛКОВСКИ

    ПО ПОСЛЕДНИТЕ ТРИ УСПЕШНИ АКЦИИ ЗА ДРОГА, ПАСОШИ И ВИСОКА КОРУПЦИЈА, ПРЕДВРЕМЕ ПЕНЗИОНИРАН НАЧАЛНИКОТ ВЕЛКОВСКИНаспроти илјадниците решенија за продолжување на работниот стаж од 40 до 45 години со лична изјава, кои досега ги потпишале министерот Спасовски и неговите претходници, исклучок е направен само кај Велковски. (Фото: СДК.МК)

    Началникот на Секторот за борба против организиран криминал и корупција Лазе Велковски, кој по наредба на шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска е истражител на ова обвинителство, експресно е пензиониран од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

    Случаи од кои што се отстранува Велковски, ако се цени по соопштенијата од Обвинителството и од МВР во чии акции учествувал или ги раководел, се: истрагата против Драги Рашковски, која сега е проширена и за други дела, истражувањето на елементи за вмешаност на организирана злосторничка група за незаконските патни исправи, дојавата и бегството на наркобосовите по акцијата во Сарај и Ченто, но и бројни други предистраги за кои подолго време се зборува, а кои наводно допирале до високи раководни струкури.

    Начинот на кој што е пензиониран Велковски е спротивен на Законот за внатрешни работи, кој им дава можност на службените лица од МВР кога ќе навршат 40 години бенефициран работен стаж, да можат работниот однос да го продолжат до 45 години работен стаж. МВР тоа е должно да го спроведе, според законот.

    Наспроти илјадниците решенија за продолжување на работниот стаж од 40 до 45 години со лична изјава, кои досега ги потпишале Спасовски и неговите претходници, исклучок е направен само кај Велковски. И покрај тоа што тој поднел изјава за продолжување на работниот однос, сепак од МВР добивме одговор за конечно негово пензионирање.

    „Досегашниот началник на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал Лазе Велковски не е разрешен, туку го исполни условот за пензионирање – 40 години работен стаж, со што работниот однос му престанува согласно Законот за внатрешни работи. На негово место, со времено решение, е поставен Ветон Кранлиевски, државен советник во Кабинетот на министерот и долгогодишен вработен во Министерството за внатрешни работи“, се вели во одговорот, без притоа да се даде одговор зошто на Велковски не му се дава законската можност за продолжување на работниот однос до остварување на 45 години работен стаж.

    Според овој одговор, МВР, или органот кој е задолжен да го спроведува почитувањето на законите во Македонија, е во судир со два закона – Законот за внатрешни работи и Законот за кривична постапка во членот 50, кој на обвинителот му гарантира дека доделениот истражител ќе му биде на располагање.

    Овој член во ставот 3 вели: „За времето додека службениците се доделени да работат кај јавниот обвинител, не можат да бидат распоредени на друго работно место во државните органи од каде што доаѓаат или да бидат отстранети од работа од предметниот случај без изречно одобрение од јавниот обвинител“.

    Членот 174 од Законот за внатрешни работи во ставот 2 вели: „Работникот со писмена изјава до Министерството за внатрешни работи може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до навршување на 45 години пензиски стаж, без оглед на неговите години на возраст“.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дојде до примероци од известувања од одделот за човечки ресурси во МВР за вработени кои навршиле 40 години бенефициран работен стаж, и сите имаат ист текст. По известувањето до раководното лице дека некој од неговата служба исполнил 40 години бенефициран стаж и стекнал право да се пензионира, стои укажување:

    „Од Ваша страна потребно е именуваниот веднаш да го известите за датумот со кој го исполнува условот за пензионирање, како и за тоа дека согласно член 174 од Законот за внатрешни работи, има право да побара продолжување на договорот за вработување (со писмена изјава), или да одлучи да оствари право на пензија со престанок на работниот однос заклучно со наведениот датум (со известување)“, нешто кое кај началникот Велковски го немало.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира