ШТИПСКОТО МАТИЧНО НЕ МОЖЕ ДА ПОСТИГНЕ СО ВЕНЧАВКИТЕ ПО ОЛАБАВУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ ЗАШТО РАБОТАТ САМО ДВАЈЦА МАТИЧАРИ

    ШТИПСКОТО МАТИЧНО НЕ МОЖЕ ДА ПОСТИГНЕ СО ВЕНЧАВКИТЕ ПО ОЛАБАВУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ ЗАШТО РАБОТАТ САМО ДВАЈЦА МАТИЧАРИШтипското матично врши регистрации и на граѓани од други општини (Фото: СДК.МК)

    Само викендов, во матичното одделение во Штип се најавени регистрации на 15 брака, а до крајот на месецот уште 35. Двајцата матичари се соочуваат со голема навала на регистрации по олабавувањето на коронамерките, но и по завршувањето на Велигденските пости.

    „Штипското матично, кое е од регионален карактер и врши регистрации и на граѓани од други општини, не може да ги задоволи потребите, затоа што недостасуваат најмалку уште четворица матичари. Матичната служба за евиденции во Штип не располага со таков кадар, туку има само волонтери кои не можат да ја вршат и оваа работа“, вели матичарот Тони Станков.

    За цело време во пандемијата, регистрациите во матично се вршеа со посебни протоколи, па на овој чин можеа да присуствуваат само младоженците, двајцата кумови и еден од штипските советници. Но, бидејќи во последните неколку години не добиваат надоместоци како порано, тие сега избегнуваат да присуствуваат. Според правилата, ако советникот е спречен да присуствува, тогаш матичарот може и сам да ја изврши брачната регистрација.

    „Ние како службени матичари мора да присуствуваме и за тоа добиваме само слободен ден, што јас не сум го искористил цела година, затоа што регистрација вршиме само јас и мојата колешка. Ако странките сакаат регистрација на отворено, за таа услуга плаќаат 7.400 денари на сметка на Републичката управа за матична евиденција. Матичарите кои излегуваат на терен добиваат само 300 денари“, вели Станков.

    Тој очекува Службата за матична евиденција кадровски да го екипира штипското одделение, кое има обемна работа, бидејќи издава и изводи.

    Овој месец започнаа и црковните венчавки, кои поради постите не се организраа од Прочка до Велигден.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира