БЕСПЛАТНИ ЧАСОВИ ПО АЕРОБИК И ЈОГА НА 6 ЛОКАЦИИ ВО ПАРКОВИТЕ НИЗ СКОПЈЕ

    БЕСПЛАТНИ ЧАСОВИ ПО АЕРОБИК И ЈОГА НА 6 ЛОКАЦИИ ВО ПАРКОВИТЕ НИЗ СКОПЈЕЧасовите се во организација на Град Скопје, а ќе ги одржуваат професори и студенти од Факултетот за физичко образование и спорт. (Фото: Град Скопје)

    До крајот на јули, на шест локации на отворено во Скопје ќе се одржуваат бесплатни часови за вежбање. Проектот „Скопје вежба“ го организира Град Скопје, а часовите ќе ги одржуваат професори и студенти од Факултетот за физичко образование и спорт. Секој работен ден по 18 часот, на различни локации на јавните површини и парковите во Скопје ќе се вежба аеробик, фитнес, пилатес, зумба, спортска јога и атлетика. Проектот „Скопје вежба“ има цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма.

    „Во наредните три месеци ќе им овозможиме на граѓаните и граѓанките бесплатно вежбање во попладневните часови  во Градскиот парк, во ‘Иби Пајко‘, во паркот во Ѓорче Петров, паркот кај „Три Бисери“ во Аеродром, кај ‘Веро‘ во Тафталиџе и во паркот во Чаир. Сите термини секој ден ќе се објавуваат на веб страната на Град Скопје. Со овој проект сакаме да им овозможиме можност за спортување почитувајќи ги ковид-протоколите“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

    Продеканот за настава на Факултот за физичко образование и спорт Борче Даскаловски ги повика сите да дојдат на овие часови кои ќе бидат организирани според најновите трендови, а вежбите ќе придонесат за подобрување на здравјето.

    „Сите реквизити ќе ги донесеме ние, на граѓаните им останува само желбата да дојдат на часовите и да вежбаат. Овој проект е особено важен бидејќи се случува во време на пандемија кога цела година поголем дел од времето го минувавме дома“, кажа Даскаловски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира