Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси повика на дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг следната година поради грижите околу кршење на човековите права. И додека спортистите би учествувале, Пелоси смета дека шефовите на државите не би требало да присуствуваат.
„САД не смеат да продолжат да се однесуваат како да е во ред што Олимпијадата се одржува во Кина“, рече Пелоси.
Таа е последниот американски политичар кој повика на бојкот поради третманот на ујгурските муслимани. Се верува дека кинеските власти имаат притворено над милион Ујгури и други муслимани во Шјинџијанг, голем регион во северозападна Кина. Повеќето од нив се испратени во кампови налик на затвори, каде што се држат неодредено време без обвиненија.
„Шефовите на државите би требало да ја бојкотираат Олимпијадата во Пекинг. Да не ѝ укажуваме таква чест на кинеската влада. Ако одите во Кина додека таму се случува геноцид, се поставува прашањето каков морален авторитет имате да зборувате за човекови права каде било во светот“, изјави Пелоси.
Кинеската влада се обвинува дека спроведува присилна стерилизација на ујгурски жени и дека одделува деца од семејствата. Кина вели дека камповите се неопходна мерка против тероризмот.