Оган и густ чад кои претпладнево беа забележани во објектот на некогашна Топилница ги уплашија велешани. На самото место биле две возила на противпожарната единица и шестмина пожарникари, кои постапиле по пријава на граѓанин, не на лицата кои се задолжени за обезбедување на Топилницата.
„Имаше пожар, предизвикан од сечење метал. Искрите зафатиле еден силос висок 10-ина метри. Огнот беше локализиран за половина час. Да ја смирам јавноста, во поранешна Топилница нема никаков материјал кој е опасност по здравјето и животите на велешани, така што сè беше брзо санирано“, рече Љупчо Лепидовски, командир на ТППЕ Велес.
На самото место бил и претставник на локалната власт, задолжен за животна средина.
„Во кругот на Топилницата се извршува сечење метал. При една таква операција, денеска од искри бил зафатен силос, а огнот беше локализиран од страна на противпожарната единица“, рече Билјана Манаскова Шуркова, раководителката на Одделението за животна средина во Општина Велес.
П. ПЕЧКОВ