Најважно е што во Венеција, преку нашиот исконски поставен проект „Сега“ донесовме една синтеза за значењето на зборот „дом“, рече денеска на отворањето на изложбата на македонскиот претставник на 17. Биенале за архитектурата, комесарката Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ). Проектот „Сега“ е на БИНА- Биро за инвентивна архитектура, Бекир Адеми е куратор, кокуратор е Јордан Шишовски, а покровител на изложбата е Министерството за култура.
Учесници во проектот се: Адеми, Ана Рафаиловска, Ивана Чалоска, Јордан Шишовски, Енис, Абовски, Енес Север, Амине Адеми, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Аида Салиху, Дрен Невзати, Елмедина Хасани, Нита Чаволи.
Изложбата е поставена во атриумот на палатата Зорци. Годинава, темата на Биеналето е прашање поставено од Хашим Саркис „Како ќе живееме заедно“.
Од тимот велат дека „Сега” ја зема предвид состојбата на итност за промени во општеството и ни открива два аспекта на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината. Концептот се материјализира во дрвена композиција составена од дрвени елементи меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура, архетипизирана рамка, асоцијација на куќа, дом и засолниште.
Адеми го опиша објектот како симболична претстава на еден отсечок од мноштвото и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот.
Министерката за култура Ирена Стефоска преку видеопорака рече дека Саркис ги повикал архитектите и покрај политичките поделби и економската нееднаквост во светот да го обмислат просторот во кој сите можеме да живееме заедно.
„Погледот на креативниот свет во моментов е насочен токму кон Венеција. Македонскиот павилјон го краси вашата визија која, убедена сум дека го дава одговорот на тематското прашање на ова биенале: ‘Како ќе живееме заедно?’, порача министерката Стефоска.
Mакедонија во континуитет деветти пат се претставува на Биеналето, на годинава има 112 учесници од 46 земји.
Б. НЕСТОРОСКА