Приватните специјализанти кои немаат други приходи, освен надоместокот кој го земаат за работење во клиниките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза” и другите јавно-здравствени установи каде тече специјализацијата, ќе добијат платено здравствено осигурување и платени дежурства, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој денеска се сретна со нивните претставници и директорите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и се договориле дека почнувајќи од јуни, а со исплата во јули, приватните специјализанти ќе добијат надомест за здравствено осигурување, откако претходно ќе пополнат изјава во ФЗО дека немаат други приходи освен надоместокот кој го добиваат од државата.
„Дополнително, ќе им се исплаќаат и надоместоци за дежурствата во нето износ од 1.800, 2.700 и 3.600 денари. Понатаму, приватните специјализанти како учесници во давање здравствени услуги ќе добијат и 5 отсто бонус за борба против ковид-19. Секој месец приватните специјализанти примаат по 29.000 денари надомест, нешто што за прв пат започнавме да го исплаќаме во 2018“, кажа Филипче по средбата, додавајќи оти треба да се анализира планот околу вработувањето на приватните специјализанти.
Б. НЕСТОРОСКА