ВЕЛЕС СЕКОЈА ГОДИНА ИМ ИСПЛАЌА ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ ЕВРА НА КАСНАТИ ОД КУЧЕ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЦЕВСКИ СМЕТА ДЕКА СЛУЧАИТЕ ЧЕСТО СЕ ИЗМИСЛЕНИ

    ВЕЛЕС СЕКОЈА ГОДИНА ИМ ИСПЛАЌА ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ ЕВРА НА КАСНАТИ ОД КУЧЕ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЦЕВСКИ СМЕТА ДЕКА СЛУЧАИТЕ ЧЕСТО СЕ ИЗМИСЛЕНИВелес има систем за третирање на бездомни кучиња, но нема стационар и прифатилиште за нивно згрижување (Фото: СДК.МК)

    Големи средства се одлеваат од буџетот на Општина Велес за обесштетување граѓани кои биле каснати од кучиња. Во првите четири месеци од оваа година биле исплатени 1,7 милиони денари како обесштетување, лани биле исплатени 2.7 милиони, во 2019 – 2,3 милиони, а во 2018 година 1,7 милиони денари. Само во еден месец годинава имало 21 пријава за каснување од куче.

    Градоначалникот Аце Коцевски изрази сомнеж дека сите биле каснати.

    „Простор за сомнеж остава тоа што овие граѓани ги застапуваат едни исти адвокати. При обезбедување на медицинската документација, се случува доктор од Општа болница Велес кој го прегледал лицето каснато од куче, истовремено да се јавува и во својство на вешто лице, што исто така остава простор за сомнеж. Тоа значи дека еден ист лекар издава и лекарско уверение и прави наод од вештачење. Исплатени се огромни суми од општинскиот буџет по тужби на граѓани, кои наместо за инфраструктурни работи ги даваме за обесштетувања“, кажа Коцевски.

    Тој кажа дека е одржана средба со претставници на Основен суд Велес, СВР Велес и „Пансион Гиовски“, но немало лица од болницата, а донесен е и заклучок.

    „Кога граѓаните пријавуваат во МВР или во болницата дека се каснати од куче скитник, треба да биде нагласено во службената документација дека тоа е само изјава и тврдење на странката, која не е поткрепена со докази. Тврдењето е клучен доказ во судската постапка, полицијата не видела дека лицето е каснато“, рече Коцевски.

    Граѓаните кои биле каснати од куче скитник не излегуваат на терен да го посочат кучето кое ги каснало.

    „Повеќето од каснатите граѓани не излегуваат на терен со нас за да ни посочат кое куче ги нападнало, додека пак оние кои излегуваат на терен со нас не можат да препознаат кое куче ги каснало. Лани само во еден случај каснат граѓанин на Општина Велес го има посочено кучето што го нападнало“, велат од „Пансион Гиовски“, кој со локалната власт има склучено договор за заловување, стручен третман и грижа на кучињата скитници.

    Велес има систем за третирање на кучиња, но нема стационар и прифатилиште за нивно згрижување, реагираат од граѓанските здруженија.

    „Локалната власт да изгради прифатилиште, стационар, како во Битола, каде што ќе се чуваат кучињата скитници. Оваа пракса, залови, кастрирај, вакцинирај, пушти го, не дава резултати, тоа е евидентно. Потребно е залови и смести“, вели Димче Никушев, претседателот на здружението „Вила Зора канис“.

    Здружението „Гласот на животните“ располага со стационар кој згрижува повеќе од 150 бездомни кучиња. Овој стационар е во сопственост на невладина организација, функционира на основа на донации и таму волонтираат членовите на здружението.

    „Овие случаи со каснувања се злоупотребуваат сè почесто. Луѓето се научија да добиваат оштета и да го празнат буџетот на градот, без да се испита дали всушност биле каснати од бездомни кучиња“, кажа Меги Ѓорѓиева-Ѓаков од „Гласот на животните“ .

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира