Владата го задолжи Министерството за финансии да префрли 172 милиони денари за набавка на 200 илјади М-Смарт картички за електронско плаќање патарина на сметка на Владата и тие ќе им бидат давани на српските туристи кои ќе поминуваат низ Македонија на пат за Грција од 15 јуни до 15 август.
Владата донесе ваква одлука на денешната седница и го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги дели картичките на српските туристи на граничниот премин Табановце.
Владата вети ослободување од плаќање патарина за српските туристи како благодарност за донираните вакцини.
„Во насока на ветувањето за ослободување на плаќање патарина во земјава на српските државјани за време на летната сезона Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата изготвена од Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски, а во врска со изготвување на електронски картички (М-Смарт Кард) за патнички моторни возила на туристи од Република Србија кои би транзитирале на Коридор 10 за време на летната сезона во периодот од 15.06.2021 до 15.08.2021 година. Во оваа насока е задолжувањето на Министерството за финансии да префрли средства во износ од 172.000.000,00 денари за набавка на 200.000 М- Смарт Кард на сметката на Владата, а ЈП за државни патишта да изврши сукцесивна испорака на предвидените количини на М- Смарт Кард. Се задолжува Јавното претпријатие за државни патишта, откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, истите да ги врати на сметката на Буџетот на Република Северна Македонија – Влада на Република Северна Македонија“, се вели во владиното соопштение.
Србија донираше 8 илјади вакцини Фајзер во февруари, а потоа во април уште 40 илјади вакцини Спутник. Исто така, во Србија се вакцинираа над 15 илјади македонски граѓани.
На истата седница, Владата донесе одлука да го раскине договорот со фирмата „Инвока груп“ за одржување на софтверот за полагање испити на државните институции и го задолжи Генералниот секретаријат да склучи договор со нов оператор.
Договорот со „Инвока груп“ беше склучен од поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, кој сега е во притвор за набавка на друг софтвер од „Инвока груп“. Во притвор за истиот случај е и сопственикот на „Инвока груп“.