Деветтемина уставни судии на денешниот колегиум ја избрал судијката Добрила Кацарска за претседателка на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Нејзиниот мандат почнува од 2 јуни, кога завршува и на сегашниот претседател Сали Мурати.
Мандатот на претседателот на Уставниот суд е 3 години, без право на реизбор.
Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски си заминуваат на 2 јуни засекогаш од Уставниот суд, затоа што истекува нивниот 9 – годишен мандат. Собраниската комисија за избори и именувања, нема закажано седница за утврдување на кандидатите за трите празни места во Уставниот суд. Оттаму, има голема шанса највисокиот суд летово да остане да работи само со шестмина од преостанатите уставни судии.
Претседателот на Комисијата Костадин Костадинов, за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека се уште нема закажано седница за предлози и за утврдување на кандидати за судии во Уставниот суд и кажа:
„Како претседател на Комисијата за избори и именувања, јас во консултација со координаторите на пратеничките групи ќе закажам седница, во согласност со агендата на Собранието и се разбира на претседателот Талат Џафери, за пленарна седница со точка – избор на судии во Уставниот суд“.
Откако би се закажала собраниска седница за бирање уставни судии, комисијата се враќа наназад неколку денови и закажува таа седница, за да се утврдат и изгласаат кандидатите првин таму.
Секој член на Комисијата за избори и именувања има право да предлага кандидати за уставен судија и тие предлози се гласаат. Оние што ќе поминат тука, одат на гласање на пленарна седница.
С. К. ДЕЛЕВСКА