190 МИЛИОНИ КОВИД ВАКЦИНИ МУ НЕДОСТАСУВААТ НА КОВАКС, ПРОГРАМАТА ПРЕДУПРЕДИ ЗА КАТАСТРОФАЛНИ ПОСЛЕДИЦИ

    190 МИЛИОНИ КОВИД ВАКЦИНИ МУ НЕДОСТАСУВААТ НА КОВАКС, ПРОГРАМАТА ПРЕДУПРЕДИ ЗА КАТАСТРОФАЛНИ ПОСЛЕДИЦИНа 28 март во Скопје стигнаа првите 24.000 дози од вакцината „АстраЗенека“ од Ковакс-механизмот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сто и деведесет милиони дози на ковид вакцини му недостасуваат на Ковакс механизмот кои до крајот на јуни требаше да бидат транспортирани во сиромашните земји. Програмата, чија цел е да обезбеди брз пристап до вакцини за сите земји, вчера ги повика богатите земји да донираат повеќе дози.

    „Иако Ковакс ќе има поголеми количини кои ќе бидат достапни при крајот на годината, кои се веќе обезбедени со повеќе производители, ако сега не го решиме овој недостаток, последиците ќе бидат катастрофални“, предупреди Механизмот. Иако САД и европските земји донираа 180 милиони дози, велат од Ковакс, тоа не е доволно.

    Богатите земји треба да донираат 1 милијарда дози до крајот на годината, и пак да имаат доволно количини да ги вакцинираат своите граѓани, стои во анализата на „Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс“.

    На Ковакс му се потребни 2 милијарди долари за да купи уште вакцини, а таа сума е потребна до почетокот на јуни за да се направат нарачките.

    Програмата планира да дистрибуира 1.8 милијарди вакцини во сиромашните земји до крајот на годината, и голем дел од оваа количина е нарачана од Индија. Но, индиската Влада ги сопре големите пратки во странство поради зголемениот број на новозаболени од ковид-19, и со тоа го остави Ковакс да обезбеди само околу 70 милиони дози во 126 земји до крајот на мај.

    Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека таму каде што вирусот се шири неконтролирано,  може да се појават нови соеви кои во најлош случај би можеле да се покажат отпорни на моментално достапните вакцини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира