Светската здравствена организација (СЗО) им даде нови имиња на најпознатите варијанти на коронавирусот, при што отсега ќе се користат буквите од грчката азбука. Така сојот откриен во Велика Британија ќе биде Алфа, јужноафриканскиот Бета, бразилскиот Гама, а индискиот Делта.
СЗО вели дека на овој начин сака да ги поедностави дискусиите, но и да ја тргне стигмата од некои имиња. Индиската влада неодамна го критикуваше именувањето на варијантата Б.1.617.2, првпат идентификувана во оваа земја, како индиска, иако СЗО никогаш официјално не ја означи така.
„Ниту една земја не би требала да биде дискриминирана зашто открила и пријавила нов сој“, изјави техничкиот шеф за ковид-19 во СЗО, Марија фан Керкхофе.
СЗО додаде дека грчките букви нема да ги заменат постоечките научни имиња, а доколку официјално се идентификуваат повеќе од 24 варијанти, ќе биде објавена нова програма на именување.