Данскиот парламент усвои закон што ќе ѝ овозможи на земјата да депортира баратели на азил во држави надвор од Европа, игнорирајќи ги повиците на невладините организации и Обединетите нации да се откаже од таквите планови. Овој најнов потег на социјалдемократската влада на Мете Фредериксен има за цел да ги одврати мигрантите од доаѓањето во Данска.
Законот ќе ѝ овозможи на Данска да ги пресели мигрантите кои доаѓаат во земјата во центри во партнерска држава, каде што нивните случаи одново ќе се преиспитуваат, а барателите ќе можат да добијат заштита во таа земја.
„Ако аплицирате за азил во Данска, знаете дека ќе бидете испратени во земја надвор од Европа и со тоа се надеваме дека луѓето ќе престанат да бараат азил во Данска“, изјави Расмус Стоклунд, кој во владата е задолжен за мигрантската политика.
Данска засега нема постигнато договор со ниедна земја за прием на мигрантите, но Стоклунд вели дека се преговара со неколку.
Богатата скандинавска земја, која во изминатата деценија стана озлогласена по својата тврдокорна политика кон мигрантите, си постави за цел да има нула барања за азил и место тоа, само да прифаќа бегалци според системот на квоти на ОН.