ПОВЛЕЧЕНИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ КОИ ОСТАВАА ПРОСТОР ДА СЕ ГРАДИ ПО ДУП СПРОТИВНО НА ГУП

    ПОВЛЕЧЕНИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ КОИ ОСТАВАА ПРОСТОР ДА СЕ ГРАДИ ПО ДУП СПРОТИВНО НА ГУПМинистерот за транспорт и врски Благој Бочварски. (Фото: СДК.МК)

    Измените на Законот за урбанистичко планирање се повлечени од собраниска процедура. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека ќе го допрецизира членот 35, кој со измените суптилно оставаше простор да се протнат градби според ДУП-ови, контра ГУП-овите кои се устав во градежништвото и не смее да им се контрира.

    Допрецизирањето е за  деталните урбанистички планови што не се во согласност со генералниот урбанистички план.

    „Јас не знам зошто се створи таква фама во јавноста заради тоа што сега се бориме против интригашите во урбанизмот. Ќе го допојасниме овој член за да биде уште појасен и во кој што нема да се дозволи состојби кај што деталните урбанистички планови и генералниот урбанистички план не се усогласените да не може да продолжи примената на старите урбанистички документации кои што се изгласани или донесени пред донесување на новите генерални урбанистички планови“, кажа Бочварски денеска пред собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија.

    Со предложените, сега веќе повлечени измени на Законот за урбанистичко планирање, се вметнуваат исклучоци во изрично јасен член од законот во делот за неусогласеност на урбанистички планови.

    Законската одредба предвидена во став 5 од член 35 од актуелниот закон, јасно стои дека не може да се применува детален урбанистички план или дел од детален урбанистички план што не е усогласен, односно е во спротивност со одредбите од генералниот урбанистички план.

    Но, со измените предвидени со предложениот став 6 се додаваат два исклучоци од ставот 5.

    „Во член 35 по ставот (5) се додава нов став (6) кој гласи:
    ‘(6) По исклучок од став (5) на овој член детален урбанистички план, донесен согласно генерален урбанистички план кој престанал да важи, се применува кога:
    – намените утврдени во деталниот урбанистички план се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план;
    – во новиот генерален урбанистички план е планиран променет профил на сообраќајната мрежа во однос на деталниот урбанистички план доколку со реализација на планираните градби или деловите од планираните градби од деталниот урбанистички план не се попречува реализацијата на сообраќајната мрежа од новиот генерален урбанистички план, доколку е исполнет и условот од алинеја 1 од овој став’“, се вели во предложените измени.

    Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање требаше да се носи по скратена постапка во Собранието.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира