Улицата Академик Пенчо Давчев, која е регионален пат, во еден дел е опасна и ризична за возилата кои минуваат по неа. Таа се наоѓа на излезот од Велес и ја користат товарните возила кои доаѓаат од правецот на Штип во индустриската зона. На свијокот во близина на рампата од штипска пруга има свлечиште, кое ја загрозува безбедноста на возилата. По неодамнешниот дожд, земјата е свлечена до самиот раб на патот и паднати се сигурносните столпчиња.
„Не се чувствуваме безбедно кога минуваме со возилата. Земјата попушта и се свлекува веќе подолго време. Пред шест месеци поставија столпчиња, но водите кои се слеваат од повисоко го поткопаа патот, а на некои места и го однесоа. Ризично е секое минување. Нема банкини. Тешките камиони мора оттука да поминат, бидејќи тоа е единствениот влез од правец на Штип. При разминувањето, еден сопира за другиот да помине, толку е тесен патот“, вели жител на месноста Речани.
За ваквата состојба одговор побаравме од ЈП за државни патишта.
„Согласно Договорот за одржување и заштита на патиштата, одржувањето на државните патишта е во надлежност на ‘Македонија пат‘. ЈП за државни патишта ќе уригира кај ‘Македонија пат‘ за натамошно постапување“, одговорија од ЈП за државни патишта.
П. ПЕЧКОВ