Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјави дека постапката на СЈО во Управата за безбедност и контраразузнавање тапка во место и по 12 часа откако тимот на Јанева влезе во УБК со судска наредба да ја преземе документацијата во врска со прислушувањето.
„Поминаа 12 часа и знаеме дека јавноста е заинтересирана како одговара УБК на нашите барања. Тапкаме во место, дискутираме, дебатираме, но се уште сме на мртва точка“, кажа Јанева во еден часот по полноќ пред МВР, каде се наоѓа и УБК.
Пред МВР беше и обвинителката Ленче Ристовска, која кажа дека СЈО е разочарано од капацитети на УБК.
„Денеска добивме наредба од Основен суд Скопје 1, добиена по наше барање да ни бидат доставени сите податоци за маркираните броеви во УБК во периодот кој е од наш интерес. Тие податоци се сомневаме дека се наоѓаат и во моменталните системи на УБК и наша цел е да ги обезбедиме тие податоци и дали навистина тие податоци се таму и понатаму што можеме да утврдиме од тие од податоци. Од нашето досегашно постапување, на нашата голема жалост, УБК немаше ниту волја да постапи по наредбата и манифестира недостаток на технички и човечки капацитети за исполнување судска наредба. Не би сакале да инсинуираме дали е тоа намерно или не е. Единствено сме разочарани од тоа што со ваков тип на институција се соочуваме со ситуација на немање на човечки и технички капацитети да се реализира судска наредба. Веќе подолг период сме тука и тапкаме во место, нема никаков напредок во однос на одземање на податоците кои се предмет на судската наредба. Товарот за спроведување на законските прописи и она што судот го предвидел е на страна на УБК и тие треба како надлежна институција да ги обезбедат сите услови за ние да можеме да ја спроведеме наредбата“, кажа Ристовска.
Вчера попладне специјалната јавна обвинителка рече дека морале да побараат судски налог за претрес затоа што од 8 март оваа година во УБК одбивале да соработуваат. Таа рече дека треба да се открие дали прислушувала УБК или странски служби и затоа СЈО побарало да ги превземе сите посебни истражани мерки, сите имиџи и сите разговори кои ги имаат снимено во периодот од 2008-20015.
СЈО вчеравечер повторно се огласи со соопштение дека соработката оди тешко и дека директорот на УБК Владимир Атанасовски, директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Оливер Андонов oбивале да соработуваат и да ги дадат потребните докази.