Поранешниот американски претседател Доналд Трамп доби двегодишна суспензија од Фејсбук и Инстаграм.
На него му беше забранет пристап до овие социјални мрежи на неодредено време по крвавиот упад на неговите приврзаници во почетокот на јануари, но минатиот месец Надзорниот одбор на компанијата го критикуваше таквиот начин на казнување. „Фејсбук“ сега кажа дека активностите на Трамп биле сериозно прекршување на правилата.
„Ова е навреда за 75 милиони луѓе кои гласаа за мене на последните избори. Тие не смеат да се извлечат за вакво цензурирање и замолчување. На крајот, ние ќе победиме“, изјави Трамп.
„Фејсбук“ соопшти дека завршува со политиката на давање имунитет на политичари за нивни измамнички и навредливи содржини. Суспензијата на Трамп е заснована врз нов протокол за прекршување на правилата на оваа социјална мрежа.
„Двегодишна суспензија, што е максимална казна, е доволно долг период од чинот за кој се изрекува“, објави „Фејсбук“.