БАЛАНС МЕЃУ УБАВИТЕ ЖЕНИ И МАЖИ ВО СЛАВЕНИЧКАТА ПРЕТСТАВА НА РИСИМКИН НА 17. ТАНЦ ФЕСТ – ФОТОГАЛЕРИЈА

    БАЛАНС МЕЃУ УБАВИТЕ ЖЕНИ И МАЖИ ВО СЛАВЕНИЧКАТА ПРЕТСТАВА НА РИСИМКИН НА 17. ТАНЦ ФЕСТ – ФОТОГАЛЕРИЈАПретставата „Меѓусвет“ беше инспирирана од песната „Убавите жени“ на Конески. (Фото: К. Попов)

    Вонвременската поезија на Блаже Конески и песната „Убавите жени“ беше инспирација за претставата „Меѓусвет“ на кореографката Рисима Рисимкин, со која Скопје танцовиот театар синоќа на 17. Танц фест прослави 10 години од основањето.

    Годинава Македонија одбележува 100 години од раѓањето на кодификаторот на македонскиот јазик Конески. Рисимкин ни рече дека отсекогаш ја сакала неговата поезија на Конески, и дека за неа „Убавите жени “е преубава песна, синоним на едно време и начин на живеење.

    Костимите се на Благој Мицевски. (Фото: К. Попов)

    „Кога почнав да размислувам за новиот ‘Меѓусвет’ некако спонтано ми дојде дека тие седејќи на столиците, всушност чекаат. Жените. Убавите. Несреќните. Во мојот народ. Едноставно, ме инспирира текстот повторно и повторно. Жената има посебно место во нашиот универзум, кое е во исто време божествено и профано. Во претставата, машката игра, композиторот Тони Китановски ја нарече ‘убавите мажи’, така што најдовме некој баланс, за свет во кој луѓето живеат заедно, во слики, поетски, само како далечни отслици на едно време, кое всушност не престанува никогаш и е тука“, вели Рисимкин за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Танчарите играа на музика на Тони Китановски. (Фото: К. Попов)

    Костимите се на Благој Мицевски,  а дизајнот на сцена на Матеа Мијановиќ. Моќната порака на сцена ја пренесоа танчерите Адријана Данчевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, Исидора Краљевска и Ивана Балабанова.

    Сцена од „Ѓаволска дупка“ на Битровски. (Фото: К. Попов)

    По претставата „Меѓусвет“, танчарите ја изведоа претставата „Ѓаволска дупка“ во кореографија на Битровски, и се прикажа краткиот филм „Дома“ а Адријана Данчевска.

    Кореографката и танчарка Матеа Киселичка преку видеопорака од Кина, каде работи како професорка по современ танц, се заблагодари за наградата Менада за најдобар млад уметник. (Фото: К. Попов)

    Рисимкин вели дека круна на 10-годишното постоење на Скопје танцовиот театар, е поканата за во 2021 да гостува во Националниот театар Шајо во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижните светски театри за современ танц.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира