СЕДУМ КОМПАНИИ КАЗНЕТИ СО ВКУПНО 55 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА НЕПРАВИЛНОСТИ СО УВОЗОТ НА МАЗУТ

    СЕДУМ КОМПАНИИ КАЗНЕТИ СО ВКУПНО 55 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА НЕПРАВИЛНОСТИ СО УВОЗОТ НА МАЗУТВицепремиерот Љупчо Николовски кажа дека сите наоди утрово се доставени до Основното јавно обвинителство за понатамошно процесуирање и утврдување на евентуална кривична одговорност. (Фото: Влада)

    На седум компании им се изречени прекршочни казни во вкупен износ од 55.510 евра, а изречени се и решенија за забрана за работа, забрана за пуштање во промет на мазут и покренати се барања за одземање на лиценците, по направената анализа на државните институции кај дел од компаниите увознички на мазут, соопштија денеска вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши.

    Вонредните контроли на увозот на мазут доаѓаат по истражувањето на ИРЛ за увозот на мазут. Кај компанијата „Евротим“, која беше предмет на истражувањето на ИРЛ, се констатирани неправилности и ѝ е изречена времена забрана за пуштање во промет на мазут, откако е утврдено дека увезениот мазут бил со вредности кои не одговараат со Правилникот за квалитет на течни горива, беше кажано на заедничката прес-конференција на Николовски и Бектеши.

    Компанијата „Блу Технолоџи” продавала мазут ППД кој што не е деклариран во Правилникот и на оваа компанија исто така ѝ е изречено решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ. Кај компанијата „Санс АГ” е утврдено производство на мазут од отпадни гуми и на неа ѝ е изречена забрана за работа и поднесено е барање за одземање на Б интегрираната дозвола.

    Прекршочни казни се изречени против седум комапнии и тоа „РКМ ДООЕЛ“, „Супертрејд“, „Евротим“, „Пертинакс-Скопје“, „Ли-оил ДБ Кавадарци“, „Блу технолоџи“ и „Ка-оил Енерџи Кавадарци“, која вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторната комисија за енергетика.

    Како што кажа Николовски, кај дел од компаниите биле констатирани неправилности во делот на законската обврска за чување залихи и правилно водење на сметководствената евиденција и додаде дека сите наоди утрово се доставени до Основното јавно обвинителство за понатамошно процесуирање и утврдување на евентуална кривична одговорност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира