Иако беше искористено авионско засејување на облаци како превентивна мерка за заштита од временски непогоди, вчера попладне големо невреме со врнежи од дожд и град ја погоди Преспа. Невремето предизвика штети кај овоштарниците, а најпогодени се јаболковите насади во селата Царев Двор, Дрмени, Евла, Болно, Перово и други.
„Уште во понеделник ќе биде објавен јавен повик за пријавување на штети, а во најкус можен рок ќе се формира општинска комисија која ќе направи проценка на штетите. Сите алатки кои се во наши раце ќе бидат употребени во заштита на трудот на преспанскиот земјоделец. Беше направено авионско засејување на облаците инаку невремето можеше да се прошири и на други делови од Преспа, вака одредени области се заштитија. Дури и најдобрата заштита не дава секогаш сто отсто сигурност“, рече градоначалникот Живко Гошаревски кој по невремето изврши увид врз овоштарниците во Царев Двор кои претприја штети.
Преспа веќе неколку години наназад преку лето мака мачи со врнежи од град кои им нанесуваат голема штета на овоштарниците. Лани крајот успеа да се спаси со авионското засејување на облаците, но годинава не беше доволно за да ја заштити цела Преспа.
Ж.ЗДРАВКОВСКА