НА ПОПОВА ШАПКА Е ОТВОРЕН СОВРЕМЕН ИНФОРМАТИВНО-ЕДУКАТИВЕН ЦЕНТАР

    НА ПОПОВА ШАПКА Е ОТВОРЕН СОВРЕМЕН ИНФОРМАТИВНО-ЕДУКАТИВЕН ЦЕНТАРИнформативно-едукативниот центар на Попова Шапка ќе работи преку целата година, а неговите услуги ќе бидат бесплатни. (Фото: СДК.МК)

    Попова Шапка доби информативно – едукативен центар, нешто што долго време му недостасуваше, а што е неопходна понуда на секој позначаен туристички центар. Овој информативен центар се наоѓа веднаш до манастирскиот комплекс „Св. Наум Охридски“, а е резултат на активностите на Здружението Планинарски клуб „Шара – Ски“ – Тетово.

    „Целта на информативен центар е да обезбеди информации за различни активности и можности за спорт на планината, вклучувајќи ги тука и информациите за патеки за пешачење, велосипедизам, скијање, алтернативни форми на туризмот во текот на целата година, безбедносните протоколи и капацитетите за сместување и услуги кои ги нуди Попова Шапка и овој дел од Шар Планина. Но, не само тоа, тој има и едукативен карактер бидејќи преку печатените материјали и фото и видео документација, кои тука можат да се добијат, посетителите ќе можат да се запознаат и со историјата, флората и дивиот свет на Шар Планина. Исто така информативниот центар ќе овозможи подобра промоција на постоечките маркирани пешачки и велосипедски патеки, меѓу кои е и високопланинската патека ‘High Scardus Trail’, на која се поставени две еко зони за одмор, опремени со фотоволтаични панели и простор со маси и клупи за одмор каде пешаците или велосипедистите ќе можат да се одморат и бесплатно да ги наполнат мобилните телефони ако за тоа има потреба. Со сето ова сакаме да се создаде една дополнителна туристичка понуда на Шар Планина во ‘отворен простор’, со цел да се зголеми интересот за посета на планините, посебно сега во состојба на пандемија, да се ублажат негативните економски последици од кризата со ковид-19 и да се придонесе за зголемена еластичност и одржливост на секторот за планински туризам на Шар Планина“, изјави Никола Балоски, претставник на Здружението.

    Уште на самото отворање овој Информативно-едукативен центар предизвика голем интерес кај посетителите на Попова Шапка а посебно кај планинарите и љубителите на планинарските спортови.

    „Ние сме планинска земја и планините, со нивниот потенцијал, е она што треба да го користиме, сега и во иднина. Со вакви центри ќе се смени сликата дека имаме многу малку инфраструктура во планините. Тоа е еден од основните фактори за привлекување на што поголем број на луѓе, запознавање со планински туризам и планински спортови. Попова Шапка и Шар Планина имаат голем потенцијал и сигурно еден ваков едукативен центар ќе ги доближи до посетителите. Ова се мали чекори во таа насока кои ќе бидат од голема корист“, изјави Александар Кирковски, планинар и планински тркач, член на клубот „Македон“ од Скопје.

    Информативно-едукативниот центар на Попова Шапка ќе работи преку целата година, а неговите услуги ќе бидат бесплатни.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира