СКОПСКИ НАПРЕДАК ГИ ПОБЕДИЛ АНГЛИСКИТЕ ВОЈНИЦИ НА ПРВИОТ ДОКУМЕНТИРАН ФУДБАЛСКИ НАТПРЕВАР ВО МАКЕДОНИЈА

    СКОПСКИ НАПРЕДАК ГИ ПОБЕДИЛ АНГЛИСКИТЕ ВОЈНИЦИ НА ПРВИОТ ДОКУМЕНТИРАН ФУДБАЛСКИ НАТПРЕВАР ВО МАКЕДОНИЈАПлакатот со кој бил најавен натпреварот, а чија копија, во факсимил, денес е во Музејот на Северна Македонија. (Фото: Музеј на Северна Македонија)

    Со победа од два гола завршил првиот документиран фудбалски натпревар во Македонија за кој постојат податоци, а стрелци на головите бил Звонимир Геруц и Дејан Дубаиќ, велат од Музејот на Северна Македонија. Тој се одиграл на 20 април 1919 година, меѓу спортскиот клуб Напредак од Скопје и селекцијата на англиската војска, која била тука присутна. СК Напредак бил првиот тим кој одиграл и меѓународен фудбалски натпревар во Скопје, во летото 1919 година против Макаби од Солун. Натпреварот завршил со победа на Напредак од 7-0.

    Денес во 18 часот во Букурешт, македонската фудбалска репрезентација го игра својот прв историски натпревар на европските фудбалски првенства, против селекцијата на Австрија.

    Првиот квалификациски натпревар за европските првенства е одигран на 7 септември 1994 година, против тогашниот европски шампион, селекцијата на Данска.

    Фото: Музеј на Северна Македонија

    Од Музејот велат дека за првиот документиран фудбалски натпревар сведочи плакатот со кој бил најавен натпреварот, а чија копија, во факсимил, денес се наоѓа кај нив. Од текстот на плакатот, испишан во ракопис на српски јазик, се дознава дека „големиот фудбалски натпревар“ бил закажан за првиот ден на Велигден, 1919 година, во 4 часот попладнето, кај тогашната Идадија.

    Управата ја информирала јавноста дека влезот за натпреварот ќе чини 2 тогашни динари и дека за време на играта ќе свири воена музика. На плакатот може да се видат уште и името на британската воена мисија, испечатено на англиски јазик.

    „Натпреварот се одиграл на игралиштето од тогашната Учителска школа во месноста Идадија, на топло и сончево време и во присуство на околу 500 гледачи. Во убава игра, чиј амбиент бил засилен од звуците на воената музика на англиската војска, младите играчи на СК Напредак извојувале победа над англискиот тим од 2:0. Освен за музиката, англиските војници биле задолжeни и за одржување на редот околу теренот. Исто така и судијата бил англиски војник – свештеник, кој, интересно, освен судиското свирче, на градите носел и крст. Двата тима настапиле во спортска опрема. За опремата на фудбалерите на Напредак, бели кошули и сини гаќички, се погрижиле претставниците на Христијанската младинска заедница“, велат од Музејот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира