Општина Центар до крајот на неделава ќе го објави конкурсот што да се гради на просторот кај фабриката „Треска“. Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека конкурсот е спремен и во наредните два-три дена ќе биде официјално објавен.
На кокурсот треба да биде одбрано идејно решение за уредување на просторот бидејќи сегашниот Детален урбанистички план предвидува изградба на триесетина згради и целосно бетонизирање на просторот.
Богдановиќ го распишува конкурсот во време кога инвеститори веќе поднесуваат барања за градба на просторот според параметрите на стариот Детален план. Досега во електронскиот систем за издавање градежни дозволи на Општината се поднесени 5 барања за градба на овој простор. Доставени се идејни проекти за изгледот на зградите кои треба да ги одобри Општината и врз основа на нив да пресмета комунали.
„Овде постапката е на почетокот. Во овој случај дел е приватно земјиште, дел е со право на користење. Значи проектите уште не се одобрени, ниту се пресметани комуналии“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.
Минатиот месец градоначалникот Богдановиќ и советниците во Советот добија закана од инвеститорите и сопствениците на земјиште кај фабриката „Треска“, дека ќе поднесат кривична пријава ако не им се дозволи да градат. Во Општината стигнал допис од адвокат кој ги претставува инвеститорите и сопствениците во кој, како што соопштија тогаш од Општина Центар, на најгруб начин се упатуваат закани кон нив и се бара да се прекине постапката за распишување на конкурсот за овој простор и да не се ни помислува да се донесе суспензија на планот.
Богдановиќ тогаш изјави дека не отстапува од намерата да се распише конкурс и покрај заканите.
Од комисијата за спроведување на конкурсот по укажувањата на Антикорупциска комисија исклучени се сопствениците на земјиштето. Во комисијата остануваат Мирко Андоновски од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), професорката од Архитектонскиот факултет Дивна Пенчиќ, Снежана Митовска од Град Скопје и Биљана Насковиќ од Општина Центар.
Комисијата која ќе ги оценува пристигнатите решенија е составена од професорката Јасмина Силјановска од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), професор Михајло Зиновски од Архитектонскиот факултет, Миодраг Радоњиќ-Бато од Архитектонската академија на ААМ, Ивана Драгшиќ, претставничка на невладиниот сектор, Жаклина Ангеловска од Комората на овластени архитекти, Марјан Иванов од Градежната комора, Наташа Тодоровска-Пренк од Општина Центар и Виктор Михајлов од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА