ЖЕНА ИСКРШИ ОД ЌОТЕК СОПРУГ ВО КАФЕАНА, ЌЕРКА ЌЕ ЗАКОЛЕШЕ ТАТКО, МАЖИ ТЕПААТ ЖЕНИ И ПСИХИЧКИ ГИ УНИШТУВААТ, СЕМЕЈСТВОТО СТАНУВА БОЈНО ПОЛЕ

ЖЕНА ИСКРШИ ОД ЌОТЕК СОПРУГ ВО КАФЕАНА, ЌЕРКА ЌЕ ЗАКОЛЕШЕ ТАТКО, МАЖИ ТЕПААТ ЖЕНИ И ПСИХИЧКИ ГИ УНИШТУВААТ, СЕМЕЈСТВОТО СТАНУВА БОЈНО ПОЛЕСпоред возраст, бројот на жртви на семејно насилство во 2019 година изнесува 2.572 возрасни и 95 деца, а во периодот јануари - мај 2020 година возрасни 912, и 42 деца. (Фото: Пекселс/Каролина Грабовска)

Семејствата ја губат својата основна функција. Спокојот и мирот за многу жени, деца, стари родители, но и за мажите во последниве две години, а особено последниве месеци и недели, се сè подалечна надеж. Според статистиките, во Македонија се случува неконтролирано семејно насилство.

За многу граѓани семејството станува пекол.

Полициските билтени се полни, телефоните во Центрите за социјални работи и СОС-линиите ѕвонат. Се качува бројката на насилство во домот, во семејството.

Во неделата во 01.15 часот полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Е.А.(27) од тетовско село, кој претходниот ден ја натепал мајка си. Жената е повредена физички, но и психички. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок против синот.

Пред пет дена, еден гостиварец е задржан во полициска станица под сомнение дека физички ја нападнал сопругата, а негов сограѓанин, уапсен бил за физички напад врз жена со која претходно бил во љубовна врска.

Тетовската полиција вели дека го привела В.Л. (37) рано наутро во 3:15 часот, веднаш откако во семејниот дом физички ја нападнал неговата 29-годишна сопруга. По пријавата В.Л. бил задржан во Полициската станица Гостивар, каде добил кривична пријава за семејно насилство.

Физичко насилство врз жена беше пријавено и во уште еден случај. Дваесет и седумгодишна гостиварка пријавила дека на улица  била истепана од Г.Н. (39) од гостиварско Чегране. Двајцата претходно биле во љубовна врска.

„Насилството врз мажите е пред сè манифестен кај случаи на изразен алкхолизам кај мажот, кој во ситуации на изразена алкохолизираност станува жртва на физичко насилство на сопругата“, вели Андромахи Наумовска, специјалист по медицинска психологија (Фото: Пекселс/Каролина Грабовска)

Најголемиот број жртви се жени (сопруги, мајки, ќерки), а сторители се нивни сопрузи, синови, татковци.

Но, она што исто така зема замав, е семејното насилство врз мажите. Сè поголем е бројот на мажи кои пријавуваат во полиција ќотек или психичко насилство од сопруги, партнерки. Дури и во шелтер-центарот има згрижени мажи, неможејќи да се вратат дома кај насилните жени и да трпат секакво малтретирање од нив.

Според д-р Андромахи Наумовска, специјалист по медицинска психологија, кога станува збор за семејно насилство на жени врз мажите, што вели дека е со далеку помала зачестеност отколку во обратната насока, жртви најчесто се алкохолизирани сопрузи.

„Насилството врз мажите е пред сè манифестен кај случаи на изразен алкохолизам кај мажот, кој во ситуации на изразена алкохолизираност станува жртва на физичко насилство на сопругата“, вели таа.

Уште се зборува во Гостивар за непоканетата 60-годишна гостинка во кафеана која со столици, маси и тврди предмети го натепа својот сопруг, пред очите на гостите во локалот. Нападот се случила на 13 март. С.А. пријавил дека истиот ден околу 15,00 часот во угостителски објект во Гостивар бил физички нападнат со тврди предмети од неговата сопруга С.С. од Гостивар. Таа по нападот беше приведена од полицијата и против неа беше поднесена кривична пријава.

На петти овој месец, во Полициската станица Аеродром, 32-годишен маж од Куманово пријавил дека околу 10 часот во семејниот дом бил физички нападнат од неговата сопруга И.К. (33) од Скопје. Се работи на расчистување на случајот.

Д-р Андромахи Наумовска вели дека мора да се активираат служби за препознавање на семејно насилство, да се работи на терен, да се издигне степенот за поддршка на жртвите, но ништо без законски и реформи на полицијата. (Од приватната архива на д-р Наумовска)

Во 2019 година, 573 мажи се јавиле во полиција да пријават насилство од жени. Сепак, и во полициските билтени, како и во Центрите за социјална работа, поголем е бројот на жени кои пријавиле насилство од сопрузите (1.414 случаи). Во првото полугодие лани 227 мажи се пожалиле во полиција дека имало семејно насилство врз нив, наспроти 694 жени – жртви.

Деновиве беа уапсени мајка и ќерка кои ги физички ги нападнале и ги изнатепале поранешниот сопруг, татко на ќерката и неговата партнерка. Според СВР Тетово, полициски службеници ги лишиле од слобода Т.М. и нејзината мајка С.С., кои половина час пред тоа во куќа во Гостивар, физички го нападнале таткото и поранешен сопруг и неговата нова партнерка. Во нападот ќерката користела и нож.

Ова се нови податоци кои допрва ќе се анализираат. Но што се случува дома меѓу ѕидовите, која е причината за толку гнев и психичко, сексуално насилство во семејствата?

Народниот правобранител ги преброја пријавените насилства изминатите 2 години и податоците се застрашувачки. Ги зеде сите пријавени случаи за 2019 година, како и оние за време на вонредната состојба поради пандемијата, од јануари до јуни 2020 година и бројките се загрижувачки.

Карактеристично е дека најголем број од случаите на семејно насилство се меѓу сопружници, втори по ред се случаите на насилство во релација родител-дете, членови на потесно семејство, како и меѓу партнери.

Според полициските станици од целата држава, во 2019 година имало 2.661, а во првите пет месеци од 2020 година 1.124 жртви на семејно насилство. Бројот на жени жртви на семејно насилство е поголем од бројот на мажи-жртви, па така во 2019 година имало 1.830 жени жртви, а во периодот јануари – мај 2020 година 744 жени жртви.

Според возраст, бројот на жртви на семејно насилство во 2019 година изнесува 2.572 возрасни и 95 деца, а во периодот јануари – мај 2020 година возрасни 912, и 42 деца.

„Очигледна е разликата на бројот на жртви евидентирани во Центрите за социјална работа (ЦСР), каде што е помал, и во Полициските станици, што упатува на потреба од зајакнување на соработка меѓу нив, во насока на известување на надлежниот центар за социјална работа заради преземање на итни мерки за заштита на жртвата. Тоа впрочем е утврдена законска обврска на полицискиот службеник, во случаи кога има пријава за семејно насилство и родово-базирано насилство врз жени“, реагира Народниот правобранител во Посебниот извештај за состојбата со семејното насилство во Република Северна Македонија.

Во извештајот, Омбудсманот констатира дека за жал, скриената или темната бројка на семејни насилства кај нас е многу, многу поголема, а овие бројки иако се страшни, сепак се видливи само затоа што жртвите се охрабриле да пријават насилство во домот.

„Иако денес многу повеќе се зборува за семејното насилство како негативна појава, сè уште има жртви кои од различни причини (социјални, економски, срам од заедницата, прифаќање на насилството како ‘нужно зло’ во бракот или вонбрачната заедница и слично), не се одлучуваат да го пријават насилството и да побараат заштита, со што несомнено таканаречената темна бројка на случаи на семејно насилство е далеку поголема од бројката на пријавени случаи“, се вели во истражувањето.

Најголем број од жртвите кои се сместени во шелтер центрите се жени, и тоа 81 во текот на 2019 година, додека мажи се 10. Во текот на периодот јануари-мај 2020 година има 7 жртви жени и 5 мажи.

„Анализата на податоците од ЦСР за бројот на жртви на семејно насилство според возраст, покажува дека во текот на 2019 година 171 жртва на насилство се деца, од кои едно со попреченост, а од јануари до мај 2020 година има 96 жртви деца, што процентуално претставува 9% од жртвите во текот на 2019 година, и 13% од вкупниот број евидентирани жртви во периодот јануари-мај 2020 година. Анализата на добиените податоци исто така покажа дека девојчиња се позастапени како жртви“, алармира Народниот правобранител.

Најголем број на жртви на физичко, психичко, сексуално или економско насилство во семејствата се Македонци, потоа Роми, Албанци итн.

Насилниците (насилничките) во семејствата доминантно се психички здрави, односно пресметливи личности, а мал е бројот на сторители со растројство. Во текот на 2019 година имало вкупно 63 сторители кои се со попреченост. Од нив 44 се со психолошко нарушување (растројство), додека во периодот на вонредната состојба поради пандемијата, се избројани 20 сторители со попреченост, од кои повторно поголемиот дел со психичко растројство.

Д-р Наумовска вели дека современите држави и цивилизираниот свет во кој живееме, се преплавени со голем бран на агресија и деструктивно однесување, губење на надеж, вера и љубов на современиот човек, и многу други лични социјални фактори. Најопасна последица на агресијата е манифестирање во насилство.

„Агресивно однесување се манифестира во напад врз друго лице, со намера да предизвика штета, која во реалноста може или не може да биде предизвикана. Во сурова форма се јавува низ празнење преку мускулите и тој пат останува како можност од најрана возраст до крај на животот. Со психолошкиот развој агресијата може да се манифестира и низ зборови, вреѓање, хумор, сатира и слично“, вели Наумовска.

Во табела, таа ги прикажува карактеристиките на сторителите на семејно насилство. Нејзиното искуство, а и статистиката за оваа појава во Северна Македонија кажуваат дека доминантно мажите вршат насилство врз жени.

Она што е фрапантно, според видот на извршеното семејно насилство, позастапено е психичкото насилство (во 2019 година 1.377, за првото полугодие од 2020 – 488 случаи), потоа следи телесното (физичко) насилство, како и Родово базирано насилство. Иако во помал број, сепак присутни се случаи на сексуално насилство (12 во 2019 година, со 3 за полугодието лани), како и економско насилство.

Од друга страна, анализата на податоците за жртви на насилство добиени од полициските станици и од судовите укажува дека се поведени многу мал број на постапки против сторителите.

За телесно/физичко насилство се донесени најмногу пресуди – Казна затвор (вкупно 31), по што следуваат изречените казни затвор за родово засновано насилство (вкупно 6), и 2 за психичко насилство. Најмногу пресуди – Условна осуда и за двата периоди се донесени за телесно/физичко насилство (вкупно 122), потоа за родово засновано насилство (вкупно 18), и за психичко насилство (вкупно 11).

Вкупниот број на сторители на семејно насилство кои биле вклучени во психосоцијален третман во текот на 2019 година изнесувал 330, додека во периодот јануари-мај 2020 година 141.

Наумовска наведува неколку карактеристики на жените како најбројни жртви на семејно насилство. Вели дека неизбежно се одвоени, отфрлени од пријателите, имаат ниско самопочитување, традиционален систем на вредности, прифаќаат за жал одговорност за злоставувањето, го негираат теророт на кој се изложени, тие се пасивно зависни и депресивни, користат алкохол, дроги или постојано купуваат нешто, агресивни се кон децата, имаат чувство на вина, сметаат дека никој не може да им помогне освен тие самите. Некои ги злоставуват и своите деца, па оттаму ваквите семејства имаат „организиран насилнички систем“. Дури 45%-59% од мајките ги злоставуваат своите деца, вели соговорничката.

И додека насилството во семејствата се омасовува како никогаш досега, за превенција и третман никој од надлежните не зборува како да се надмине, ниту презема нешто. Наумовска вели дека мора да се активираат служби за препознавање на семејно насилство, да се работи на терен, да се издигне степенот за поддршка на жртвите, но ништо без законски и реформи на полицијата. Мора да се воведат и училишни програми за заштита, препознавање на насилството и насочување каде да пријави кога се случува.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира