ЗЕЛЕНИТЕ МАШИНИ НА ВЕЛЕШКИ „БРАКО“ ПРЕТСТАВЕНИ НА ТУРНЕЈА ВО ДЕСЕТИНА ФРАНЦУСКИ ОПШТИНИ

    ЗЕЛЕНИТЕ МАШИНИ НА ВЕЛЕШКИ „БРАКО“ ПРЕТСТАВЕНИ НА ТУРНЕЈА ВО ДЕСЕТИНА ФРАНЦУСКИ ОПШТИНИДоговорено е зелените машини повторно да се вратат во Франција во текот на годинава, како дел од две значајни изложби за возила и опрема за урбани средини. (Фото: Брако)

    Зелените машини на велешки „Брако“ од линијата „Грин машинс“ беа на турнеја во десетина француски градови и претставници на повеќе општини имаа можност во живо да се запознаат и да го тестираат револуционерното возило за одржување хигиена во урбани средини, GM500H2, кое работи на водороден погон и со нула емисии на штетни материи, соопшти компанијата.

    Оттаму велат дека Франција неслучајно е одбрана како дестинација за оваа прва турнеја, бидејќи станува збор за земја-пионер во областа на зелениот водород, која засилено инвестира во водородна инфраструкура и нивниот план 2020-2030 година предвидува декарбонизација (премин на чист водород) на лесните возила, автобусите, камионите, тешките возила, возовите, патничките чамци…

    Според прогнозите, овој зелен гас ќе задоволува 20 отсто од вкупната побарувачка на енергија во Франција до 2030 година и 50 отсто до 2050 година.

    „Турнејата помина успешно, задоволни сме што успеавме да ја претставиме машината пред огромен број луѓе во живо, и покрај рестрикциите, и покрај сите проблеми што ги наметна пандемијата и, секако, со почитување на сите мерки за заштита од ковид. Организациски многу ни помогна нашиот француски застапник „CMAR“. Речиси без исклучок, присутните беа импресионирани од удобноста на возилото и исклучителното лесно управување, што е резултат на неговиот ергономски дизајн. Позитивните реакции ги очекувавме, но сепак ни беше задоволство да ги гледаме луѓето кои ги искусија во живо можностите на GM500H2. Особено беа изненадени од едноставниот процес на промена на водородните капсули“, вели Благој Шалев, извршен директор на „Брако“.

    Компактното возило GM500H2 работи на 100 отсто водородна зелена технологија, со нула загадување, речиси без никаква емисија на звук, и е значајна алатка за градовите кои се борат да го намалат загадувањето. (Фото: Брако)

    Париз, Лион, Дижон и Гренобл се меѓу градовите што изразија голем интерес на водородното возило, велат од „Брако“ и на повидок се повеќе долгорочни соработки, за кои повеќе детали ќе се знаат во наредниот период. Освен тоа, договорено е зелените машини повторно да се вратат во Франција во текот на годинава, како дел од две значајни изложби за возила и опрема за урбани средини.

    Претстојното лето ќе биде динамично за „Брако“ и „Грин машинс“, со оглед на тоа што хидрогенското возило го очекуваат уште неколку големи и значајни турнеи, најпрво во Германија, потоа во Белгија, скандинавските земји и во Соединетите Американски Држави.

    Компактното возило GM500H2 работи на 100 отсто водородна зелена технологија, со нула загадување, речиси без никаква емисија на звук, и е значајна алатка за градовите кои се борат да го намалат загадувањето. Уште една негова предност е дизајнот, кој му овозможува да покрие површини кои се недостапни за другите машини со ваква намена. Без оглед дали се користи фиксен резервоар или заменлива водородна капсула погодна за градовите што немаат инфраструктура за полнење водород, GM500H2 има капацитет за цел работен ден.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира