ИНТИМЕН ТЕАТАР СО ПРЕТСТАВА ПРОТИВ ИСЕЛУВАЊЕТО ОД БИТОЛА

    ИНТИМЕН ТЕАТАР СО ПРЕТСТАВА ПРОТИВ ИСЕЛУВАЊЕТО ОД БИТОЛАПретставата „Леонс и Лена“ работена по пиесата на Бихнер содржи и документарни материјали извлечени од приватниот живот на актерите Никола Стефанов, Валентин Дамчевски, Анастазија Христовска и Антонио Китановски, а сè тоа тоа во режија на Софија Ристевска- Петрушева. (Фото: СДК.МК)

    Додека Битола е зафатена повторно од голем иселенички бран, Интимен театар подготви премиера која раскажува за желбата на група млади луѓе да останат во родниот град. Претставата „Леонс и Лена“ работена по пиесата на Бихнер содржи и документарни материјали извлечени од приватниот живот на актерите Никола Стефанов, Валентин Дамчевски, Анастазија Христовска и Антонио Китановски, а сè тоа тоа во режија на Софија Ристевска- Петрушева.

    „Одиме контра тој огромен бран што во моментот постои на заминување, на емигрирање, фаворизирање на Европа и другите држави од западниот свет. Претставата зборува за желбата на луѓето да останат во нашиот град, обратно од сите што се иселуваат. Нашиот град е напуштан масовно и не само тој, туку од цела држава луѓето заминуваат, по коронавирусот уште поголем е тој бран на заминување. Ние сакаме да кажеме дека останувањето е исто толку важно и животот на луѓето може да биде активен и квалитетен и во нашата средина. Можноста да сте свои во својот свет и да не си емигрант е многу важно во овој момент. Да се издига оваа идеја на пиедестал, а не само идејата за заминување и напуштање да биде доминантна“, рече Ристевска-Петрушева.

    Ова е прв проект на Интимен театар, кој е финансиски помогнат од Министерството за култура во последните четири години. Актерот Валентин Дамчевски изјави дека Интимен театар е местото што ги отвора вратите на младите артисти и му дозволува да ги третираат проблемите од нивните гледишта, да зборуваат и за нив.

    „Важно е што Министерството го одобри овој проект и го финансираше зашто во еден момент нашиот театар се почувствува дека оди во некаков колапс и многу важно е што ги добивме овие пари зашто младите луѓе кои живеат тука треба да бидат задржани“, рече Дамчевски.

    Со по 20 гледачи во публика, со запазување на сите протоколи, претставата ќе биде одиграна пет пати на 20, 23,25,27 и 30 јуни во Интимен театар со почеток од 20 часот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира