Градот Скопје денеска почна со проширување во булевар на улицата Борис Трајковски, на потегот од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова река пред Драчево. Сообраќајницата во должина од 2.325 метри наместо две ќе добие четири коловозни ленти, пешачки патеки од двете страни на булеварот и велосипедска патека од едната страна. Kрстосницата пред мостот кај Драчево ќе биде заменета со кружен тек со дијаметар од 20 метри.
„Овој булевар е една од артериите во нашиот град, кон него гравитираат педесетина илјади жители и поради тоа сметам дека со изработката на оваа делница и тоа како ќе го олесниме и осовремениме животот во овој дел од градот. Дополнително, на булеварот Борис Трајковски на делот што сега го работиме, ќе биде поставена нова атмосферска и фекална канализација. Изградбата планираме да трае неполни две години, бидејќи овде имаме и експропријација и отстранување на оградите“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Изградбата на булеварот ќе чини околу 3,5 милиони евра, средства кои се предвидени во буџетот на Градот Скопје.
А. АНТЕВСКА