Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ќе покрене кривични пријави против повеќе лица кои не постапувале по судските наредби и ја попречувале истрагата на истражителите и обвинителите при претресот во Управата за безбедност и контраразузнавање.
Таа во интервју на Телевизија Телма изјави дека во изминатите 48 часа се документирани сите обиди да се попречи правдата и да не се почитуваат двете судски наредби со кои СЈО побара одземање на докази од УБК поврзани со компјутерскиот систем за прислушување и документи за посебните истражни мерки.
На прашањето дали кривични пријави ќе добијат директорот на УБК Владимир Атанасовски, директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Оливер Андонов, Јанева рече: „Не се само тројца, повеќемина се и ќе поднесеме кривични пријави кога ќе оцениме дека е време за тоа“.
Тимот на Катица Јанева се уште е во просториите на УБК и ги спроведува судските наредби за одземање на документација што може да биде доказ дали прислушувањето од 2008 до 2015 година се случувало во УБК или било вршено од странски служби.