БАЛКАНОТ НИ СЕ СМЕЕ, РЕКОЛ ЕВРОПСКИ МИНИСТЕР НА РАСПРАВАТА ЗА ВЕТОТО НА БУГАРИЈА

    БАЛКАНОТ НИ СЕ СМЕЕ, РЕКОЛ ЕВРОПСКИ МИНИСТЕР НА РАСПРАВАТА ЗА ВЕТОТО НА БУГАРИЈАЕУ во септември 2018 започна кампања под мотото „Замисли иднина заедно“. Кампањата беше можност македонските граѓани да се запознаат со европските вредности и предности од зачленувањето во европското семејство. (Архивска фотографија)

    Португалија даде добар предлог, не може да се продолжи вака, регионот ни се смее, рекол еден од министрите присутни на вчерашниот состанок на ЕУ, на кој Бугарија го потврди ветото за почеток на пристапните преговори со Македонија, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од дипломатски извори.

    На состанокот на министрите за Европа и надворешни работи на членките на ЕУ, сите освен Бугарија биле со поддршка за португалскиот предлог и се заложиле прашањето за почеток на преговорите да се затвори за време на словенечкото претседателство до крајот на годината, но во основа да го има предлогот на Португалија. Повеќето министри се согласиле дека за билатерални прашања нема место во пристапните преговори.

    „Португалија даде добар предлог, не може да се продолжи така, регионот ни се смее… Ова е понижувачки за ЕУ, ќе продолжиме со напорите за да има решение без одлагање“, рекол еден од министрите, велат изворите на САКАМДАКАЖАМ.МК, не сакајќи да кажат за чиј претставник/претставничка на земја од ЕУ станува збор затоа што не се овластени да даваат изјави за јавноста.

    Словенија го презема претседателството со Советот на ЕУ од Португалија на 1 јули.

    Бугарија на состанокот беше претставувана од Румен Александров, заменик-министер за надворешни работи, кој ги убедувал останатите министри дека другите земји членки на ЕУ не разбираат колку е сериозен проблемот меѓу Скопје и Софија.

    Но, министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто, по состанокот во Луксембург отворено кажа дека ЕУ ќе води политики спротивни на сопствените интереси ако не успее да ги забрза преговорите за Србија и Црна Гора и ако го одложи почетокот на преговорите со Македонија и Албанија.

    Тој предупреди дека „на ЕУ повеќе ѝ е потребен Западен Балкан отколку што на Западен Балкан му е потребна ЕУ“. Сијарто рече дека има натпревар за влијание на Западен Балкан и иако ЕУ има најголеми шанси да победи, бидејќи сите земји го избрале европскиот пат, таа одлука на земјите од Западен Балкан не треба да се зема здраво за готово и ЕУ може да го изгуби Западен Балкан, ако продолжи ваквиот статус-кво.

    Унгарскиот министер вели дека со тоа што три земји од Западен Балкан (Македонија, Црна Гора и Албанија) ги исполниле критериумите за влез во НАТО, нема причина за одолговлекување од страна на ЕУ.

    За португалскиот предлог не се познати детали, но германскиот министер за Европа Михаил Рот минатиот месец кажа дека се базира на договорот од Берлин од ноември минатата година, кој беше постигнат со посредство на Германија, а преговараа Никола Димитров и Бујар Османи од македонска страна и Екатерина Захариева од бугарска страна. Тогаш, по враќањето на Захариева во Софија, договорот пропадна.

    Од преговорите во Берлин произлезе нон-пејпер, според кој на Бугарија ѝ се нуди можноста преку декларација, како анекс на рамката за преговори, да соопшти дека под македонски јазик го подразбира јазикот согласно Уставот на Република Северна Македонија, а за остатокот од ЕУ јазикот да остане македонски, како што е запишано во Преспанскиот договор кој беше потпишан под спонзосрство баш од ЕУ и од САД. Исто така, според германскиот предлог кој го надгради португалското претседателство, македонската страна се согласува да им соопшти на земјите членки на ЕУ дека скратеното државно име Северна Македонија се однесува единствено на политичкиот ентитет Република Северна Македонија.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира