ИГОР КИРОВ ПО 30 ГОДИНИ ПОСТАВУВА СОВРЕМЕН ПЕРФОРМАНС ВО РОДНИОТ ШТИП

    ИГОР КИРОВ ПО 30 ГОДИНИ ПОСТАВУВА СОВРЕМЕН ПЕРФОРМАНС ВО РОДНИОТ ШТИПКиров замина во странство по неговиот настап на Макфест во 1996 година. - Киров на денешната проба во Штипскиот театар. (Фото: СДК.МК)

    Балетанот и кореограф кој работеше на светски сцени, по 30 години поставува претстава во родниот град Штип. Во Домот на културата „Ацо Шопов“ и Народниот театар во Штип интензивно се подготвува современиот театарски перфоманс за Цар Едип , „Едип-коментари“ инспирана од истоименото дело на Софокле.

    „Вежбаме секојдневно и мошне сериозно затоа што овој модерен театарски пристап на претставата што сакаме да ја донесеме во јули бара студиозна работа и танцова вежба во која мошне успешно почна да се вклопува петчлената актерска екипа од Народниот театар во Штип“, вели кореографот Киров.

    Играат: Милорад Ангелов, Ангелка Нашкова, Ефтим Трајчев-Ѓаурски, Марија Минчева и Пеце Ристевски. Режисеркa е Драгана Милошевски-Попова.

    „Вежбаме секојдневно и мошне сериозно затоа што овој модерен театарски пристап бара студиозна работа и танцова вежба“, вели Киров. (Фото: СДК.МК)

    Киров замина во странство по неговиот настап на Макфест во 1996 година. Истата година се запиша на Кралската академија во Ротердам. По неколку години работа во Холандија, добил повеќе солистички договори во Германија, па во Франција и Швајцарија, потоа во Австрија, Кореја и во неколку други земји каде поставил повеќе од 50 кореографии. Во меѓувреме станал магистер по кореографија и предавал на академиите во Ротердам, Токио, Минхен, Белград и Скопје.  Во 2015 беше назначен за директор на Хрватско народно позориште во Сплит.

    „По пет години таму формирав своја ‘Балкан денс компани’ наменета за младите уметници од Балканот кои сакаат да се определат за модерен танц, а не можат да влезат во своите национални театри“, ни рече Киров.

    Младата актерска екипа е задоволна од соработката и професионалноста на кореографот Киров. Презадоволен е и тој што после 30 години се враќа во својот роден град и тоа со една модерна претстава.

    „Проектот беше замислен од порано, но поради пандемијата и моите работни ангжмани моравме да го пролонгираме и решивме тоа да биде ова лето. По двонеделна работа со мене на сцена стапува режисерката која треба продолжи со својот дел на проектот. Таа има зацртано претставата да најде начин да ја врати публиката во Штипскиот театар, но и во останатите театри низ градовите кои ќе пројават интерес овој современ театарски перфоманс да се прикаже и кај нив. Во тоа се надеваат и актерите, учесници во проектот“, додава Киров.

    Сѐ уште не утврден датумот и местото на премиерата на претставата, но поради ковид мерките извесно е дека ќе биде на отворено. Најавени датуми зaсега се 31 јули на фестивалот на Античка драма во Стоби или  налокалитетот Баргала кај Штип по Илинден, во рамките на Штипското културно лето.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира