Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски тврди дека нема застој со издавањето на пасоши и лични карти, туку има зголемен обем на побарувачка, затоа што граѓаните не виделе дека им истекуваат личните документи поради ковид ситуацијата. Застој, вели Спасовски, ќе има од вечерва до понеделник поради миграција на податоците на нов систем, но станувало збор за само два дена, четврток и петок, бидејќи сабота и недела и онака е викенд и не се работи.
„Лични документи се издаваат и сега. Едноставно имаше зголемен обем на побарувачка, поради ковид ситуацијата многу од луѓето не виделе дека им истекуваат личните документи. Имаме најава дека од денеска од 21 часот ќе имаме миграција на податоци во новиот систем за издавање документи тоа е процедура која мораме да ја завршиме, на тоа не обврзуваат законите и Уставот и од понеделник продолжуваме со нормално функционирање. Застој ќе биде четврток и петок, сабота и недела и така е викенд. Апелирам на трпение кај граѓаните“, изјави Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Берово.
Освен со вадење пасоши и лични карти, за кои се чека со месеци, граѓаните имаат проблем и со возачки дозволи, а регистарски таблички нема со месеци. Нема ни свидетелства.
М. ИЛИОСКИ