„Сакам да не постои партиска книшка, да нема партиски поделби. Сакам мојата ганерација да остане тука! Да престанеме да се прашуваме дали вреди да се има дете во ова општество. Сакам да бидам жив. Сакам да живеам, Битола!“
Ваков емотивен крик, кој публиката ја доведе до солзи, упатија младите актери на премиерата на „Леонс и Лена“ на Интимен театар од Битола. Претставата работена по пиеса на Бихнер е испреплетена со личните моменти од животот на младите и многу талентирани актери Никола Стефанов, Валентин Дамчевски, Анастазија Христовска и Антонио Китановски, во режија на Софија Ристевска-Петрушева.
Актерите отворено проговорија за проблемите со кои се соочуваат живеејќи во локална средина и притоа побараа да не е само Скопје град во државата, туку и Битола.
„Сакам луѓето да паркираат на обележаните места, чиста животна средина, Битола повторно да стане град, да живеам во овој град! Сакам да се вработам и да заработувам, сакам култура. Сакам да не е само Скопје град, сакам на шалтерите да ме услужуваат како човек, сакам велосипедски патеки во Битола. Сакам луѓето да научат дека има канти за отпадоци. Сакам критиките да бидат конструктивни. Сакам државата конечно да не е во транзиција“, зборуваа актерите.
Тие емотивно ја соголија својата душа пред публиката, зборувајќи отворено за семејни истории, лични проблеми, ризични ситуации, па и за најсреќни мигови.
„Татко ми беше домар на Копанки, а мајка ми гардероберка во Битолски театар. Јас бев или на планина или во театар. Кога јас растев, знаевме да живееме со малку пари. Моите родители имаа еден сон, да живееме со љубов, од љубов и на планина. Живеевме во куќа во Гопеш, која татко ми почна да ја гради со другар му Мурато, а продолжи со мајка ми. Таа тогаш не работеше и живеевме со една плата. Јадевме една туна сите тројца. На тие моменти се сеќавам со голема топлина, љубов и слобода“, рече Христовска, чија игра изобилуваше со одлична трансформација од моменти на среќа до оние на тага.
Никола Стефанов ја раскажа печалбарската традиција на неговото семејство. Прадедо му Вангел Мишев, печалбар во Америка, заработил златници, грамофон и еден голем сон да ги школува децата. Син му станал првиот гинеколог во Битола, а ќерката дефектолог.
„Една од најактуелните теми на мојата генерација е печалбата. Но, денес, мојата генерација печали без идеја. Печали за конзумеризам, за да купи ‘ајфон‘ или малку понова кола, со која ќе може да се пофали тука. Но, тоа не е проблем на новата генерација, тоа е системски проблем. Нашите политичари не водат грижа за нашите населени места, не ги користат нашите ресурси. Истите тие политичари на своите деца им викаат заминете оттука, зашто ништо не чини. Лицемерно. Јас нема да заминам, зашто некој се одлучил да го избрише мојот дом“, рече Стефанов.
Ж. ЗДРАВКОВСКА