Десетици луѓе се водат како исчезнати по уривањето на дел од 12-катна станбена зграда северно од Мајами. Досега е потврдено дека едно лице загинало, но останува непозната судбината на 51 станар.
Спасувачките екипи пребаруваат по урнатините, од кои досега се извлечени 35 луѓе. Непознато е колку луѓе имало во зградата во моментот на уривањето.
Комплексот во градот Сурфсајд е изграден во 1981 година и од 130 станови, во уривањето се погодени половина.
„Немаме контакт со 51 лице за кои веруваме дека живееле во зградата. Задниот дел од зградата, третина, ако не и повеќе, е смачкан. Тоа е страшно, зашто можеби нема да имаме успех да пронајдеме живи луѓе. Очекуваме бројот на загинати да расте“, изјави градоначалникот на Сурфсајд, Чарлс Барнет.
Зградата покрај плажа има постојани и сезонски жители. Властите засега немаат идеја што го предизвикало уривањето на зградата.