ЗАЕДНИЧКО СПРАВУВАЊЕ СО КОРУПЦИЈАТА ЌЕ МУ ДОНЕСЕ ПРОСПЕРИТЕТ НА ЦЕЛИОТ ЗАПАДЕН БАЛКАН, КАЖАА НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ОХРИД

    ЗАЕДНИЧКО СПРАВУВАЊЕ СО КОРУПЦИЈАТА ЌЕ МУ ДОНЕСЕ ПРОСПЕРИТЕТ НА ЦЕЛИОТ ЗАПАДЕН БАЛКАН, КАЖАА НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ОХРИДНа конференцијата ќе се усвои Регионален патоказ за подобрување на спроведувањето на постојните мерки против корупција (Фото: СДК.МК)

    Спречувањето на корупцијата во јавните набавки е еден од главните приоритети во процесот на пристапување кон Европската Унија и економскиот напредок на земјите од Западен Балкан. Ова беше потенцирано на Конференцијата за усвојување на Регионалниот патоказ за борба против корупција и нелегални финансии во Охрид.

    „Јавните набавки бараат определени правила и норми кои треба да се почитуваат, со цел да се постигне отчетност на јавните финансии. Ова бара и конкурентност и зголемување на ефикасноста во користењето на јавните средства“, истакна Вирџинија Абајо-Маркез, регионалната советничка за борба против корупција и поврат на имот за Западен Балкан.

    Таа потенцира дека треба да се зајакнат мерките против корупцијата во јавните набавки, надзорот и мониторингот, да се намалат ризиците за корупција, да се промовираат мерки за интегритет и професионалност на јавните службеници и да се зголеми соработката помеѓу институциите.

    „Треба да се користат отворени податоци за јавни набавки и да има судски одлуки за корупцијата во јавните набавки“, рече Маркез.

    Според Рејчел Галовеј, амбасадорката на Обединетото Кралство, заедничкото справување со предизвиците ќе доведе до просперитет на земјите од Западен Балкан.

    „Треба да бидеме фокусирани на целите, општите и специфичните, за да се справиме со овие предизвици кои стојат на патот на просперитетот. Тие всушност овозможуваат организиран криминал и сиромаштија и ја поткопуваат демократијата. Ова треба да ни помогне да се одржиме на добар пат и да имаме јасна насока како да се справиме со корупцијата во јавните набавки и со стекнувањето на незаконски имот“, рече Галовеј.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека борбата против корупцијата и нелегалното финансирање опфаќа широк спектар на дејствување и повеќе засегнати страни на национално, регионално и меѓународно ниво.

    „Координирањето на ангажманот би било обемно и нецелисходно, но еден насочен пристап, со утврдени заеднички приоритети, е нешто што би било поефективно и реално изводливо. Токму овој пристап и го усвојуваме со документот што денеска ќе го одобриме, испорачувајќи Регионален патоказ, кој се фокусира на подобрување на имплементирањето на постојните мерки за борба против корупција и нелегално финансирање“, рече Спасоски.

    Според министерот за правда Бојан Маричиќ, земјите од Западен Балкан се соочуваат со исти предизвици кога станува збор за организиран криминал и корупција.

    „Организираниот криминал и корупцијата долго време беа синоним за секоја држава во регионот. Тие повеќе или помалку се во иста или слична состојба, со исти предизвици по однос на ова прашање. Затоа оваа иницијатива добива уште повеќе на тежина“, кажа Маричиќ.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира