„Сестри“, првиот долгометражен филм на режисерката Дина Дума, влезе во конкуренција за награди во програмата Источно од Западот на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, еден од најстарите фестивали од А листата.
На 55. издание на фестивалот, кое ќе се одржи од 20 до 28 август, ќе има 32 премиери во склоп на двете натпреварвачки програми Кристален глобус и Источно од Западот, како и програмата со специјални проекции.
Во селекцијата Источно од Западот влегуваат први или втори долгометражни филмови на авторите и документарци од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот исток и Северна Африка. Станува збор за филмови кои ќе имаат светска или европска премиера на овој фестивал.
„Сестри” е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Во главните улоги се Антонија Белазелкоска и Миа Жиро.
Продуцентка е Марија Димитрова, сценариото е на Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата ја правеа Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите Роза Трајческа-Ристовска, а шминката е на Жанета Димитриевска.
Дума го сними филмот во 2019, на урбани локации низ Скопје во продукција на „Лист“.
„Сестри“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија и е регионална копродукција со Црна Гора и Косово.
Б. НЕСТОРОСКА