Патниците на Железничка станица Велес реагираат што на овие високи температури мора да користат чекална каде не работи клима уредот. Ваквата состојба е регистрирана изминатите десетина дена, откако започнаа жештините.
„Во текот на вчерашниот ден, пладневниот воз од Скопје за Битола доцнеше 90 минути поради, како што ни објаснија од станицата, проверка на шините кои од високата температура можеле да се оштетат. И на таква температура кога железото се оштетува, ние моравме да стоиме или надвор на +40 или во чекалната каде не работат клима уредите. Реагиравме, но ни кажаа дека биле расипани и чекаат да се поправат“, велат патници кои попладнето патуваа за Прилеп и Битола.
Од Македонски железници (МЖ) – Инфраструктура велат дека клима уредите ќе се сервисираат чим се избере сервисер.
„Минатата недела е објавен оглас за сервисер за клима уредите. Истите ќе бидат во функција откако ќе заврши процедурата за избор на сервисерот“, велат од МЖ – Инфраструктура.
П. ПЕЧКОВ