Претседателот Стево Пендаровски вели дека членството во ЕУ останува наша стратешка цел и дека Унијата мора да изнајде начин, да го вреднува досега сработеното и да овозможи деблокада на евроинтеграцискиот процес.
„Секое натамошно одложување на почетокот на преговорите го зголемува евроскептицизмот кај граѓаните, и негативно се одразува на политичките состојби во земјата“, кажа претседателот Пендаровски на средбата со Рикер, според соопштението до неговиот кабинет.
Пендаровски денеска во Вила Билјана во Охрид го прими Филип Рикер, вршител на должноста помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања.
Од претседателскиот кабинет велат дека соговорниците ги потврдија партнерските односи меѓу Република Северна Македонија и САД, одличната соработка и сојузништвото во рамки на НАТО Алијансата, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите останати области.
„САД се наш долгогодишен сојузник и принципиелен поддржувач на реформите во областа на одбраната и безбедноста, владеењето на правото и независноста на судството, јавната администрација. Остануваме посветени на зацврстување на стратешкото партнерство и поттикнување на уште подлабоки пријателски односи меѓу двете земји“, рече на средбата претседателот Пендаровски.