Норвешките пратеници со големо мнозинство донесоа нов закон според кој инфлуенсерите и огласувачите ќе имаат законска обврска да истакнат кога некоја нивна фотографија е фотошопирана или изменета со филтри.
Овој закон е резултат на повеќегодишни залагања на младински групи и министерството за деца и семејни работи, кои повикуваа да се воведат построги мерки поради растечката загриженост околу прикажувањето на телото и менталното здравје.
„Нè загрижува култура која креира социјална несигурност што придонесува за намалување на самодовербата. Со новиот закон, на реклами и спонзорирани објави на социјалните мрежи на кои карактеристиките на телото се изменети со фотошоп или филтри, тоа ќе мора јасно да се означи. Оние што нема да го направат тоа, ќе бидат казнети“, велат од министерството.
Како примери, се наведува дека ова се однесува на зголемени усни, нагласени мускули или стеснета половина.
Истражувањето што го спроведе министерството за деца и семејни работи откри дека повеќе од половина од средношколките во Осло имаат некакви ментални проблеми, а анорексијата е третата најчеста причина за смрт кај млади девојки.