Сто четириест и еден наставник од основните училишта се унапредени во звање ментор на првиот јавен оглас, согласно новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).
Сите наставници кои се унапредени ќе добијат додаток на плата од околу 3.000 денари, по основ на напредување во звање ментор, со почетокот на новата учебна година, за што веќе се обезбедени средства во буџетот на МОН.
Наставник-ментор е трето ниво во професионалниот развој, по приправничкото и наставничкото ниво. Менторот, освен што треба да го води наставникот- почетник низ училишни активности и да му помага во стекнувањата на потребни умеења и вештини за самостојна работа како наставник, ги менторира и студентите од факултетите за наставници, користи иновативни приоди и им помага на колегите во спроведување на акциски истражувања и учествува во изготвување на развојни политики на училиштето.
Исто така, наставниците- ментори ќе бидат вклучени во спроведувањето на новата Концепција во основно образование, која стартува од септември годинава во прво и четврто одделение, а реформските процеси во деветолетката целосно ќе се имплементираат во следните 5-6 годдини.
За еден наставник да може да аплицира, потребно е да исполнува неколку услови: да има најмалку 7 години работни искуство како наставник, да е вработен на неопределено работно време и да ги исполнува професионалните стандарди за наставник – ментор. Од Министерството додават дека во тек е вториот јавен повик за наставници од основните училишта за напредување во звање ментор.
Б. НЕСТОРОСКА