Не можевме да предвидиме дека Бугарија ќе го блокира почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, рече денеска германската канцеларка Ангела Меркел по виртуелниот состанок со претседателите на држави и влади од шесте земји од Западниот Балкан во рамки на Берлинскиот процес. Дојче веле на македонски јазик објави дека Меркел за бугарската блокада на Македонија рекла дека „некои тешкотии не може да се предвидат“.
„Долго гледавме како Северна Македонија и Грција преговараа за името. Откако се реши спорот, Северна Македонија стана членка на НАТО, но одеднаш Бугарија го блокираше почетокот на преговорите за членство во ЕУ“, рече Меркел.
Таа уште еднаш повтори дека иднината на регионот е во ЕУ и тоа, според неа, не е интерес само на земјите од Западниот Балкан туку и на самата ЕУ. Наведувајќи ги тешкотиите со кои се соочува регионот, Меркел наведе три: спорот меѓу Србија и Косово, состојбата во БиХ, како и спорот меѓу Бугарија и Македонија.
„Потребно ни е многу трпение, но и голем ангажман за да се надминат овие спорови“, рече Меркел.
Прашана за оценка на напредокот на регионот во последните 16 години откако таа е германска канцеларка, Меркел рече дека имало и добри и лоши моменти. Генералната оценка на Меркел е дека во последните 7 години од почетокот на Берлинскиот процес имало успеси, но и дека останува доста да се сработи во борбата против корупцијата. Како позитивен пример од регионот таа го наведе ветинг процесот во Албанија и оцени дека Берлинскиот процес отворил нов квалитет во соработката во регионот.
Одговарајќи на новинарско прашање за позицијата на Франција за проширувањето на ЕУ, Меркел рече дека претседателот Емануел Макрон исто така бил на виртуелниот состанок и „јасно се изјаснил за перспективата на членство во ЕУ на земјите од регионот“. Таа сепак објасни дека освен во Франција и Холандија, дискусии за проширувањето на ЕУ се водат и во Германија и повика Конференцијата за иднината на Европа да го даде одговорот на прашањето: Кога ЕУ повторно ќе биде подготвена за проширување.
Меркел на состанокот ветила и три милиони дози вакцини за земјите од Западниот Балкан.