Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение до Основниот кривичен суд против поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈСП Игор Јанушев и уште две лица од министерството за набавката на кинеските двокатни автобуси во 2010 година.
Четворицата се обвинети дека го направиле делото Злоупотреба на службената положба и овластувањата при спроведувањето на јавната набавка за 200 двокатни автобуси со тоа што фаворизирале кинеска компанија која немала доставено банкарска гаранција за понудата и сертификат за квалитет. Од обвинителството велат дека Комисијата за јавни набавки наместо да ја отфрли понудата како некомплетна, продолжила со постапката и ја избрала кинеската понуда, иако имало понуда од бугарска фирма, која била за 4,77 милиони евра пониска.
„По три неуспешни постапки за набавка на двокатни автобуси што биле спроведени во текот на 2008 и 2009 година, во месец февруари 2010 година била спроведена нова постапка за јавна набавка. При отворање и разгледување на понудите доставени по јавниот оглас за набавка на 200 автобуси од затворен тип и два автобуси од отворен тип, обвинетите С.Ф.П. (47) како претседател и И.Ј.(36) и Ј.Ј.А.(62) како членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка на двокатни автобуси за ЈСП на Град Скопје, во договор со првообвинетиот М.Ј.(43), постапиле спротивно на Законот за јавни набавки и фаворизирале економски оператор кој до денот на отварањето на понудите немал доставено банкарска гаранција на понудата и сертификат за квалитет ИСО 9001:2000 како што било пропишано во тендерската документација. Комисијата наместо да ја отфрли понудата како некомплетна, ја продолжила постапката и извршила евалуација на двете доставени понуди. И покрај тоа што понудата на економскиот оператор од Р.Бугарија била за 4.772.920 евра пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на првообвинетиот да склучи договор со него“, се вели во соопштението на обвинителството.
Првообвинетиот Јанакиески, иако знаел за недостатоците на избраната понуда, наместо да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти, тој донел Решение за избор на најповолна понуда и склучил Договор за купопродажба на автобуси на износ од 35.425.410,00 евра, додаваат од обвинителството.