Владиното лого за 30 години независност на Републиката треба да се исфрли, три фатални грешки има во логото вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Соња Абаџиева, една од најреномираните историчарки на уметност.
„Елементарни непознавања, за ликовниот аспект не сакам ниту да зборувам. Голема дезинформација, зарем не гледате дека е пола знаме, каде е Републиката? Знаат ли да сметаат, 30 години ли сме Северна?“, вели Абаџиева.
Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа денеска на прес-конференција го претставија логото кое ќе се користи по повод јубилејот – 30 години од независноста на државата. Логото било одобрено на синоќешната 87. седница на Владата.
„Дизајнот на логото е инспириран од македонската државност, од Денот кога граѓаните одлучија да имаме независна Република Македонија и од сѐ она што денес, нашата Северна Македонија го носи со себе како демократска држава определена за мир, демократија, соработка и развој. На традиционалната, историски заснована, национална, црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30 годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 раскажуваат за нашата државност“, рекоа попладнево портпаролите.
Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша Владата кој е автор на логото, но до објавувањето на текстот не одговорија.
Најголемите реакции во јавноста се за згрешеното знаме – дизајнот имплицира дека се 12 краци, а не 8 колку што има на знамето, но и за тоа што не е употребено уставното име на земјата – Република Северна Македонија, туку само Северна Македонија. Исто така, се реагира и на тоа дека логото всушност прави историски фалсификат – се чини дека се одбележува 30 години од името Северна Македонија (кое е сменето во 2018), а не 30 години од независноста.
По објавата на логото и реакциите на јавноста, Владата на Твитер напиша дека логото за „30 години независнот“ е составено од повеќе елементи, меѓу кои и сонцето.
„Логото не го содржи државното знаме. Сонцето кое е употребено во логото е различно од сонцето од државното знаме. Користењето на државното знаме е уредено со Закон!“, пишува на официјалниот Твитер профил на Владата.
Б. НЕСТОРОСКА