Вицепремиерот за борба против корупција и криминал Љупчо Николовски денеска кажа дека доставил документација која оди во прилог на можни злоупотреби во Скијачката и во Боречката федерација до Обвинителството за организиран криминал и корупција. Николовски, на заедничката прес-конференција со директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, рече дека истражувале откако до неговиот кабинет стигнале претставки за работата на овие две спортски федерации.
За претставката во врска со Скијачката федерација, Николовски кажа дека се однесува на нерегуларности и незаконитости при изборот на нов претседател на федерацијата. Вицепремиерот вели дека од приложените документи јасно се гледа дека постојат нерегуларности во работата на федерациите.
„Претставката против Скијачката федерација која што беше доставена, исто така, до Владата се однесува на нерегуларности и незаконитости при избор на претседател на Скијачката федерација. Пропратната документација содржи и материјали и докази за фалсификување и злоупотреба на потписи на одредени лица од скијачките клубови, непочитување на одредбите од Статутот на Федерацијата за одржување на вонредно собрание за избор на претседател, можни злоупотреби на дејноста на одредени скијачки клубови и други активности. Од претставките што пристигнаа во мојот кабинет и од приложените документи јасно се гледа дека постојат нерегуларности во работата на федерациите кои треба да бидат промотори на спортот, но и беа констатирани пропусти и во делот на инспекциската служба“,изјави вицепремиерот Николовски.
На 18 мај, 16 скијачки клубови побараа од надлежните институции да се поништи изборот на Огњан Циговски за претседател на Скијачката федерација на Македонија (СФМ), бидејќи за нив легитимен претседател е олимпиецот Дејан Пановски, избран на редовното собрание на федерацијата на 2 февруари годинава. Тие тогаш обвинија дека изборот на Циговски е резултат на мешањето на политиката во спортот.
За Циговски, 16-те клуба велат дека е избран за претседател на нелегитимно, незаконско и нестатутарно вонредно собрание на 3 февруари со фалсификувани документи, но и покрај тоа тој е впишан од Централниот регистар за нов претседател на СФМ.
Николовски денеска кажа и дека за илјадници евра буџетски средства, кои преку Агенцијата за млади и спорт им се доделени на Скијачката и на Боречката федерација нема оправдување со фактури и соодветна документација, која што е пропишана согласно законот како се трошат сите средства на граѓаните.
„Ова е причина за иницијатива за одговорност во поглед на надлежностите што ги имаме и директорот на Агенцијата за покренување на соодветни дисциплински постапки, но и на институциите за покренување на сите останати постапки согласно Законот се со цел расчистување на сите овие случаи. Недозволиво е злоупотреба на службена должност за какви било лични цели и за тој и за секој еден случај во овој поглед треба да се сноси одговорност“, рече Николовски.