Пет лица завршија во Општата болница во Охрид откако денеска настрадаа од удар на гром на плажата „Оревче“ во Охрид. Имале изгореници на телото по што лекарскиот тим на Болницата веднаш ги санирал повредите и сите биле пуштени на домашно лекување. Десетина лица пак пријавиле дека од ударот претрпеле уплав, стрес и страв, а некои се пожалиле и на тахикардија.
„Донесени се пет лица со повреди на кожа, лесни опекотини проблеми со слух. Нема хоспитализирани. Станува збор за лица од Ресен и Битола и сите се пуштени на домашно лекување“, вели директорот на Општата болница, Горан Балески.
Настанот во полиција бил пријавен околу 15 часот. На лице место дошла и Брзата помош со што повредените биле пренесени во болница.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска соопшти дека на градоначалниците и лицата за контакт во сите региони им е укажано да преземат превентивни мерки поради најавите за невреме и поројни врнежи, силен ветер, грмежи и електрични празнења во наредниот неколкудневен период.
„Се апелира и до сите граѓани да не движат покрај речни корита и суводолици (за време и по локално невреме), поради можни брзи и ненадејни порои, да престојуваат и да се засолнуваат во простори што се на пониско ниво и може да бидат поплавени и секако, во случај на појава на грмежи и електрични празнења се препорачува поголема внимателност – да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја“, велат од ЦУК.
С. ВРЕНЦОВСКА