Новиот филм на Педро Алмодовар, „Паралелни мајки“, ќе го отвори 78. издание на Венецискиот филмски фестивал. Филмот ќе биде прикажан во натпреварувачката конкуренција на првиот ден на фестивалот на 1 септември. Ова следува две години откако Алмодовар доби Златен лав за животно дело во Венеција.
Филмот, чија главна ѕвезда е Пенелопе Круз, следи две жени кои случајно се запознаваат во болничка соба во очекување да се породат. Двете се сингл и случајно забремениле: средовечната Јанис не жали за тоа, додека адолесцентката Ана е исплашена и трауматизирана.
„Јас сум роден како филмски режисер во Венеција во 1983 година. Триесет и осум години подоцна, повикан сум да го отворам фестивалот. Не можам да ја опишам радоста и колку ова ми значи“, изјави Алмодовар.
„Дина“ на Денис Вилнев исто така ќе има премиера на фестивалот што трае до 11 септември.