Нова ковид пропусница почна да се користи во Франција среде повторното ширење на коронавирусот. Од денеска, сите кои сакаат да одат во кино, музеј или на спортски натпревар ќе мора да приложат доказ дека примиле две дози од вакцината или дека неодамна го прележале ковид-19, односно негативен ПЦР тест.
И додека низ Франција се одржуваа масовни протести, дури три милиони луѓе се пријавиле за вакцинирање во првите 72 часа откако оваа мерка беше најавена на 12 јули.
Здравствената пропусница ќе биде задолжителна за влез во културните установи со капацитет од над 50 луѓе, по што внатре ќе може да се престојува без маска. Од 1 август, таа би можела да се бара и за влез во ресторани, кафулиња и трговски центри, за што ќе се дебатира во парламентот. Маските и натаму мора да се носат во јавен превоз и продавници.
Ова следува откако Франција вчера регистрираше 18.000 нови случаи на коронавирус, откако минатата недела дневниот просек бил 7.000.
„Вакво нешто не сме виделе досега. Делта сојот придонесува за поголем број нови случаи од некои претходни варијанти“, изјави министерот за здравство Оливје Веран.