Судијката Александра Ристеска го ослободи првообвинетиот Сашо Мијалков и полициските алфи на чело со Ивица Анчевски – Пуки за тортура и нечовечко постапување при апсењето на Љубе Бошкоски, со легнување на земја, лепење до тоалет, ставање лисици, пиштол на левиот образ, пцуење, во ситуација кога тој не даваше никаков отпор.
Ристеска кажа дека и покрај внимателното и детално проучување на доказите од обвинителот Љубомир Лапе, советот не утврдил конкретни и разграничувачки докази: како Мијалков го поттикнал суровото и нечовечко постапување кон Бошкоски и како поттикнатите, обвинетите припадници на полициските алфи, го извршиле тоа кривично дело. Обвинителот, рече таа, воопшто не ги прецизирал, опишал, а камоли докажал кривичните дела конкретно за секој од нив, па на судот му останало нејасно кој од нив што направил.
„Судот не е истражен орган сам да разоткрива кој од обвинетите што направил. Товарот на докажување е работа на странките: на обвинителот, на одбраната”, рече таа.
Потоа кажа нејаснотии и за односот меѓу поттикнувачот, тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков, и на поттикнатите полициски алфи.
„Осврнувајќи се на поднесените докази од прислушуваните разговори во врска со овој може да се заклучи дека содржината се однесува на лична интерпретација на обвинетиот Сашо Мијалков за апсењето на Бошкоски, која е искажана по апсењето. Според тоа, не може да биде доказ за поттикнување”, рече судијката.
Притоа таа не ја спомена бомбата во која Мијалков му вели на Драган Павловиќ-Латас: „Ти реков дека ќе апсам”. Ниту сведочењето на Љубе дека има поздрав од шефот, 8 години ќе лежи.
Ристеска потенцираше и дека во присуство на свој адвокат по апсењето на 6 јуни 2011 година, ден по парламентарните избори, Бошкоски пред судија и обвинител изјавил дека нема забелешка на апсењето од полициските алфи. За неговиот стрес, страв, душевно страдање, анксиозност, срам и патење, судијката кажа дека останало неутврдено и недокажано дали тоа настанало како последица од апсењето, или било од лична перцепција на Бошкоски.
Трошоците за судењето кое се врати назад неколку пати, ќе ги сноси државата, а Љубе судијката го прати на граѓанска парница. Незадоволните од нејзината одлука ги упати да поднесат жалба до Апелација.
„Секако ќе ја обжалиме пресудата. Во модерните, демократски, цивилизирани општества, ваквиот начин на лишување од слобода е забранет и санкциониран. Судот пропушти да ги санкционира извршителите во една состојба на јасни и недвосмислени докази. Особено што сметам дека е испратена е една погрешна порака дека ваквиот начин на апсење е дозволен и законит“, кажа обвинителот Лапе по објавувањето на пресудата.
Сите обвинети на крајот си честитаа и се изгушкаа.
С. К. ДЕЛЕВСКА