Најмладата олимпијка во Токио, Хенд Заза, се надева дека ќе инспирира други деца да се борат за своите сништа, и покрај поразот во првото коло на пингпонгарскиот турнир. Дванаесетгодишната Сиријка изгуби од 27 години повозрасната Австријка Лиу Јин.
„Беше тешко ментално да се подготвам за Олимпијадата, но мислам дека одиграв најдобро што можам“, изјави Заза.
Родена на 1 јануари 2009, Заза почнала да тренира пингпонг на петгодишна возраст, но поради граѓанската војна во Сирија, немала можност многу да настапува. Нејзините тренинзи често биле прекинувани или одложувани поради немање струја.
„Во изминатите пет години поминав низ многу искуства, особено со војната околу мене. Беше многу тешко, но се борев. Затоа мојата порака до сите е: Борете се за своите сништа. Трудете се силно, без разлика колку потешкотии имате“, кажа Заза.
Таа приреди мало чудо кога стигна до финалето на западноазиските олимписки квалификации во Јордан и со победата над 30 години повозрасната Либанка Маријана Сахакјан се квалификуваше за ОИ.
Лиу, која има десетгодишна ќерка, вели дека била многу нервозна пред мечот со Заза.
„Вчера ѝ реков на ќерка ми дека ќе играм против некого кој е само две години постар од неа. Нејзиниот одговор беше: ‘Тогаш гледај да не изгубиш‘. Иако има само 12 години, многу ѝ се восхитувам на Заза“, изјави Лиу.