На осомничениот Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на Владата, кога на 4 јуни му била сменета мерката од притвор во куќен притвор, Апелациониот суд му одредил строга забрана да не комуницира со другите осомничени. А не како што кажа Основниот кривичен суд Скопје во соопштение, дека таква забрана не постоела.
„СЕ ЗАБРАНУВА на осомничениот Драги Рашковски да комуницира со лицата опфатени со кривично правниот настан, како и да употребува средства за комуникација“, изрично стои во Решението на Апелациониот суд Скопје 1 од 4 јуни, кога бил изваден од Шутка, пратен во куќен притвор, но условен: да не го напушта својот дом и да не комуницира со обвинетите, односно со никого.
Решението Апелациониот суд Скопје, анонимизирано, го објави дури вчера попладне.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 22 јули објави дека Обвинителството за организиран криминал и корупција одненадеж побарало притвор за Рашковски зашто веројатно прекршил едната од забраните, зборувал со друг осомничен во случајот „Нелегална набавка на софтвер“ со купување сопствени иновации со буџетски пари. Го фатила Русковска дека збори на телефон со сообвинет, најверојатно преку ОТА која ги следи комуникациите.
Со оглед на забраната од Апелација од 4 јуни која уште е во сила и не е сменета, Рашковски не смее да комуницира воопшто, а пак со другите осомничени ни случајно. Секое кршење на забраната автоматски значи враќање на најстрогата мерка притвор.
Обвинителството за организиран криминал и корупција кога добило доказ дека Рашковски од дома комуницира со коосомничен во случајот, што е потенцијална опасност дека ќе влијае врз доказите и ќе ја попречи истрагата против него, веднаш побарало притвор. Постапило според Законот за кривична постапка.
Но, првин судијата на претходна постапка одбил да го врати во притвор. По жалба на Обвинителството за организиран криминал, и тројца судии од кривичен совет од Основниот суд Скопје 1 одбиле да ја укинат мерката куќен притвор и да го вратат Рашковски во Шутка. Жалбата на Обвинителството ја одбиле како неоснована.
Основниот кривичен суд Скопје по текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК одлучи да даде соопштение во кое со големи букви тврди дека таква забрана за комуникација на Рашковски од дома воопшто и немало.
„Мерката за обезбедување присуство – Куќен притвор за осомничениот Д.Р. продолжена со решение на Кривичниот суд, а потврдeна од Апелациониот суд, опстојува БЕЗ дополнителна мерка за претпазливост – Забрана за комуникација со лица опфатени со кривично правниот настан или Забрана за употреба на средства за комуникација. Предлогот на Јавниот обвинител за замена на мерката куќен притвор во ефективен притвор е поднесен заради непочитување на конкретната мерка за претпазливост кој во критичниот период воопшто НЕ опстојува”, соопшти Судот по текстот во САКАМДАКАЖАМ.МК.
Но, Решението за куќниот притвор објавено вчера на веб страната на Апелациониот суд Скопје, упатува на тоа дека е погрешно тврдењето на Основниот кривичен суд, кој го заштити осомничениот за корупција поранешен генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
Од притвор во куќен притвор, но со строгите забрани кои не смее да ги прекрши, Рашковски го пуштил совет од апелационите судии: Тања Милева, Енвер Беџети и Ѓоко Ристов. За разлика од Апелациониот суд кој со име и презиме ги објавува судиите кои стојат зад своите одлуки, Кривичниот суд Скопје не ги открива ниту судијата на претходна постапка кој прв замижал, ниту тројцата судии од организиран криминал кои ја одбиле жалбата на Обвинителството кое со докази поткрепило дека Рашковски ја прекршил забраната.
- СУДОТ ОДБИ ДА ГО ВРАТИ РАШКОВСКИ ВО ШУТКА, ОТКАКО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДНЕНАДЕЖ ПАК ПОБАРА ПРИТВОР
- НА РАШКОВСКИ НЕ МУ Е ЗАБРАНЕТО ДА КОМУНИЦИРА СО ДРУГИТЕ ОСОМНИЧЕНИ ДОДЕКА Е ВО КУЌЕН ПРИТВОР, ОДГОВАРА СУДОТ ЗОШТО НЕ ГО ВРАТИЛ ВО ШУТКА
С. К. ДЕЛЕВСКА