На 68 години ненајдено почина Лазар Николовски, сопственикот на познатото битолско радио „105 Бомбардер“. Николовски беше меѓу првите приватни радиодифузери во државата, познат по целовечерните контактни емисии, како и програми со музички желби и шеги. Иако се пензионираше пред неколку години, остана зад радиопултот до крај.
Ќе остане запаметен по прочуениот „Маратон без сон“, со кој влезе во Гинисова книга на рекорди како водител кој најдолго водел радиоемисија без спиење.
Додека на другите радиостаници одамна изумреа музичките желботеки, Лазе преку неговото радио им ги исполнуваше музичките желби на своите сограѓани. „105-ка“ преку својата фолк музичка програма скоро 30 години беше неодминлив дел од семејни слави, родендени, свадби и други прослави.
„Некои нè викаат џубокс на градот, градски свирачи или бомбардери со музика. Низ годините сме добиле милиони телефонски повици со музички желби“, велеше Лазе своевремено.
Музички и контактни емисии водеше по цели ноќи, па беше истрениран кога во 1995 се одлучи да го направи таканаречениот „Маратон без сон“. Кажуваше дека 22 дена водел програма без спиење, рекорд кој досега не е соборен од друг радиоводител.
„Ме налутија некои водители од Скопје, кои на телевизија иронично рекоа ‘седел на програма 24 часа и бил за Гинис’. Разбрав што сè треба за Гинис, собрав екипа од доктори и започнав да водам програма дење-ноќе, без да спијам. За да останам буден. ми ги ставаа нозете во вода со мраз, ме масираа. Водев програма 528 часа. На крај, ми пукна чирот, омалаксав, ме однесоа во болница и прекина маратонот“, раскажуваше водителот.
Токму уникатните идеи на Николоски со години создаваа слушатели на „Радио 105“. Белег на оваа радиостаница беа и шегите на Лазе. Радиото со сите досетки, шеги и доживувања беше неговиот живот.
Погребот ќе се одржи утре на Светонеделските гробишта во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА